Пендаровски го одликуваше Бигорски Манастир со „Орден за заслуги“ по повод 1000-годишнината од основањето

Стево Пендаровски му го додели високото државно одликување „Орден за заслуги за државата” на Бигорскиот Манастир „Св. Јован Крстител”, по повод 1000-годишнината од неговото основање. На свеченоста свое обраќање имаа македонскиот претседател Пендаровски и старецот и игумен Епископот г. Партениј, а настапи и бигорскиот монашки хор.

„По повод 1000 годишното постоење, Бигорски Манастир Св. Јован Крстител
го одликував со Орден за заслуги за Република Северна Македонија за зачувувањето и за продолжувањето на илјадагодишната традиција и за придонесот во негувањето на духовното и на културно-историското наследство, за грижата за уметничките реткости и за постојаните социјални и хуманитарни активности. Бигорскиот манастир со својата жива духовна и културна мисија и ангажман е едно од нашите најголеми духовни светилишта, кое низ вековите, и денес, во континуитет претставува извор на писменост, на култура и уметност”- претседателот Пендаровски.

Епископот Партениј, игуменот на Бигорскиот Манастир потенцираше дека е значајно што орденот се доделува во време на духовна морална ерозија, кога искуството на предците до крајност е занемарено.

„Бигорски Манастир како место на постојана молитва и патоказ за духовна генерација испраќа силна порака во нашето општество за тоа дека калта на овој свет не може да го засени блесокот на златото (севкупното христијанско наследство и Светото православно предание), што ја одразува светлината на Божјата убавина на благородството и на љубовта”, кажа во своето обраќање епископот г. Партениј.

Според Бигорскиот поменик, манастирот бил основан од страна на монахот Јован во 1020 година, а во XVI век манастирот бил разрушен од страна на отоманската власт и од целиот комплекс останал само мала црква. Од помениците исто така се дознава дека манастирот бил повторно обновен во 1743 година од страна на јеромонахот Иларион, кој бил и првиот игумен на Бигорскиот манастир во поново време.
Бигорскиот манастир го сочинуваат манастирската црква, која е посветена на Јован Крстител, костурницата, сместена до самата црква, сејменската одбранбена кула, комплексот манастирски конаци, како и новоизградените гостински конаци.

Најубавиот украс во црквата и она по што е најпознат овој храм е прекрасниот и единствен од ваков вид во православието иконостас, врвно дело на мијачките копаничари, кои по својата вештина на обработка на дрвото останале ненадминати и до ден-денес. Тоа се прочуените Петре Филиповски – Гарката од село Гари и Макариј Фрчковски од Галичник. Тие ова монументално дело го завршиле за зачудувачки кратко време, од 1830 до 1835 година.

Централната прослава за обележување на милениумскиот јубилеј ќе се одржи в недела во Бигорскиот Манастир.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *