Писмото на Јана Поповска од Битола освои второ место на конкурсот на Светскиот поштенски сојуз

Претставничката на Пошта на Македонија, Јана Поповска освои второ место и сребрен медал на 49. литературен конкурс на Светскиот поштенски сојуз по повод 9. Октомври, Светскиот ден на поштите.
Таа е ученичка во ООУ „Елпида Караманди“, Битола, а нејзин ментор е професорката по македонски јазик, Сузана Петковска.

„Јана е нашата хероина, бидејќи за првпат во своето 49 годишно постоење претставник на Пошта на Македонија добива медал на Меѓународниот конкурс за млади на Светскиот поштенски сојуз. Награденото писмо на нашата Јана е едно од 1,2 милиони писма кои оваа година пристигнаа на Конкурсот во седиштето на СПС во Берн, Швајцарија,“ информираат од Пошта.

„Секое писмо блеска со иновативност и креативност, а тоа се квалитети кои постојат кај секое дете како и на кој начин тој или таа го гледа светот. Тоа е искра која не повикува внимателно да слушаме и да посветиме внимание. И оваа година победниците не се разликуваат од тоа,“ изјави генералниот директор на Светскиот поштенски сојуз, Хусеин Бишар.

Во писмото, Јана се обраќа кон добриот човек објаснувајќи му што сака едно 11-годишно дете.

„Ние, децата, сакаме разнобојни ливади, чисти потоци, зелени планини, разлетани птици. Сакаме сини езера и разбранувани мориња, сакаме здрав свет. Свет обоен со боите на sуницата, распеан од безброј различни гласови слеани во една совршена мелодија што ја пеат сите заедно: и водите, и птиците, и инсектите, и ветрот, и дождот, и животните, и луѓето,“ се вели во писмото.

Првото место на Конкурсот го доби Волга Валчкевич од Белорусија, а третото место му припадна на Фан Хоанг од Виeтнам.

Фото: СДК.МК

https://sdk.mk/index.php/magazin/pismo-za-koronakrizata-na-11-godishnata-jana-popovska-od-bitola-dobi-srebren-medal-vo-konkurentsija-na-nad-milion-pisma-vo-svetot/

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *