СВЕТИТЕ КИРИЛ И МЕТОДИЈ СЕ МАКЕДОНСКИ И СЕСЛОВЕНСКИ ПРОСВЕТИТЕЛИ

ЦРТИЧКИ И ОТРОВНИ СТРЕЛИЧКИ – 86

  1. Конечно, од царскиот град на Босфорот стигна благопријатна најава за разрешување на една вековна неправда кон нас Македонците и нашата духовна водилка – Македонската православна црква! Имено, се погласни се најавите дека Вселенската Патријаршија интензивно работи да го услиша барањето на македонските владици, но и световни високодостојници, конечно да се реши статусот на Македонската православна црква во лицето на древната Охридска Архиепископија незаконски укината од турскиот султан 1768 година. Велиме незаконски, бидејки султанот, како иноверец (муслиман), немал ингеренции да укинува со акт црква од друга вера (православна), а познато е дека тоа го сторил под притисок на грчкиот клер! Според грчкиот весник „Етникос Кирикас“: Вселенската Патријаршија, наводно е подготвена да го реши црковното прашање во Македонија, без разлика на притисоците, па дури и заканите од Руската црква (која сака да го превземе приматот на православните цркви) и нејзините подржувачи во Грција и во Србија. Според грчкиот весник, прв чекор кон решението на македонскиот црковен проблем ќе биде да се тргне шизмата од МПЦ! Вселенската патријаршија соопшти дека веќе се направени некои чекори во правец на конечното решение за македонското црковното прашање. Добрите познавачи на црквените канони тврдат дека Вселенската патријаршија најверојатно ќе го примени истиот пристап како и за признавањето на Украинската православна црква, односно дека најпрво ќе настојува да го отстрани расколот од МПЦ-ОА и ќе ја тргне шизмата за да можат македонските владици да сослужуваат со владиците на Вселенската Патријаршија! Се очекува потоа да продолжи процесот на потпишување Томосот /актот/ за давање автокефалност на МПЦ! Со други зборови, со воспоставувањето на црковното единство со Вселенската патријаршија, архиереите на МПЦ-ОА ќе можат заедно со нејзините владици да учествуваат во заеднички литургии и со тоа Вселенската Патријашија фактички ќе ја признае МПЦ-ОА. Добрите познавачи на православните канони тврдат дека Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА ќе ја задржи својата самостојност и право на одлучување и раководење како и до сега, но конечниот статус на помесната Црква немало веднаш да биде дефиниран, како што е постапено и во случајот со признавањето на Украинската православна црква. Во Украинскиот случај, тој процес траел неколку месеци, пред да биде доделена автокефалијата. Скоро сосема извесно е дека нашата црква, според најавите од Цариградската патријаршија, ќе се нарекува Охридска Архиепископија, но за македонските православни верници таа ќе си остане како
    Македонска Православна црква – Охридска Архиепископија како продожувач на континуитетот на древната Охридска Архиепископија – Јустинијана прима! Сметам дека ние, македонските православци можеме да бидеме задоволни со ваквиот развој на настаните бидејки со ова, пред се, се исправа една голема историска неправда (незаконското укинување на Охридската Архиепископија); се укинува и формално владението на Српската православна црква над епархиите во Вардарска Македонија воспоставено по поделбите на Македонија во Балканските војни (кое “право” СПЦ го купила за милион и половина златни дукати во 1920тите години од Цариградската Патријаршија) и постанува ништавно упорното негирање на СПЦ да ја признае реалноста дека Македонската Православна црква која е ж и в а црква со свои епархии на неколку континенти и стотици цркви и манастири во Македонија и ширум светот. Цариградската патријаршија и порано се обидувала да посредува во спорот на МПЦ со СПЦ, но српските владици тоа го одбивале. Во името на православното единство Цариградската патријаршија правела напори и кон МПЦ-ОА да се припои и Јовановата ПОА, но за сега тие се безуспешни!
  2. Нашиот источен сосед Бугарија, замислете!? (Да видиш на не веруваш): членка на Европската Унија, не престанува да ги бранува меѓусоседските односи со Република Македонија, па и самата ЕУ. Бугарија – сега осилена со членството во ЕУ во која се на сила многу (за балкански прилики дури апсурдни и нереални правила и барања), како да го доживува врвот на својата национал-шовинистичка катарза!? Таа испратила меморандум до сите членки на ЕУ во којшто се негира македонскиот јазик и националност, што во суштина наиде на потсмев и одбивање. Најнов бисер на бугарскиот национал-шовинизам секако е одлуката (?) на бугарското Собрание со која 24 мај во иднина нема да се слави како Ден на сесловенската писменост, туку Ден на бугарската писменост! Според тој документ, кирилицата е прогласена за бугарска азбука, а светите браќа Кирил и Методиј со тој контроверзен и научно неоснован политички акт се прогласени за Бугари!? Токму така, со политички акт што дури и кај нив дома испровоцира бројни саркастички реакции во стилот: “Дали и Исус бил Бугарин”!? Ваквиот фантазмагоричен предлог, што го усвои бугарското Собрание на 1 октомври, бил доставен на усвојување од (а од кој би можело друг!?) Обединетите патриоти, што ги предводи партијата на националистичкиот фундаменталист Красимир Каракачанов, но бил подржан и од партијата на премиерот Бојко Борисов. Актот на бугарското Собрание е спорен по сите основи, но да се задржиме во оваа прилика на апсурдноста за потеклото на двајцата браќа Солуњани! Нациите, добро е познато, се формираат во 19от век, а не илјада години порано што го прави заклучокот на бугарското Собрание апсурден, научно неоснован и дилетантски!!! Имено, познато е дека постариот од браќата – Методиј, бил висок офицер во Византиската армија и како војник бил назначен за воен командант во Струмичката област под власта на Византија за да ја пацифизира (стави под контрола) тамошната склавинија (македонска полудржавна област со нагласени тежненија за осамостојување од Цариград). Византија била во војна со бугарското царство и ако Методиј бил “Бугарин” како што утврди Собранието во Софија, таков потег секако е нелогичен, зарем не!? Според академикот Стјепан Антољак од Хрватска и нашиот професор др Бранко Панов, за успешност во мисијата Цариград на припомош на Методиј го испраќа неговиот помал брат Константин-Кирил наречен Филозоф. Браќата заклучуваат дека најефикасно можат да го контролираат разбудениот македонски народ во Струмичко преку религијата, т.е. христијанството, за што им биле потребни книги преведени на јазикот што обичниот народ го разбирал, а за тоа им била потребна азбука со гласовни претстави (букви/азбука )на локалното население. Така и е создадена глаголицата – во Македонија и за потреба на македонските Словени од Струмичката склавинија и по течението на реката Брегалница!!! Св. Методиј во струмичката област работел цели 10 (десет) години (значи не станува збор за краткотрајна мисија), а со помош на брата му Кирил главно го ширеле христијанството и го просветувале народот по течението на реката Брегалница. Од таму, акад. Антољак нивната активност ја смета како П Р В А (од вкупно четирите) мисии, или Брегалничка мисија на Светите Кирил и Методиј. Тоа што ние македонците не знаеме да го афирмираме ова научно потврдено сознание – никој не ни е крив. Впрочем, затоа други (во прв план Бугарите) ни ги присвојуваат (читај: ни ги крадат) нашите вредности. Во прилог на оваа констатација и следниот пример: гробот на Св. Кирил во базиликата Сан Клементе во Рим буквално е искитен (!) со бројни плочи од многу земји кои им изразуваат почит и благодарност на светите браќа за нивното просветителско дело. Македонија на гфробот има поставена скромна плоча помала од А4 формат, во споредба Украина чија плоча од најмалку метар и половина! Наместо да биде обратно! Белким некој во РМ ќе се сети овие нешта да ги исправи, а не постојано да вриштиме кога Бугарите ни ги крадат нашите вредности.

М-р Мартин ТРЕНЕВСКИ, Поранешен министер и амбасадор

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *