Вол Стрит порасна за прв пат по четири недели пад

Цените на акциите се зголемија минатата недела на светските берзи, благодарение на надежите на инвеститорите за нови стимулативни мерки, но на крајот на неделата имаше неизвесност на пазарите, бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп беше заразен со коронавирус.

На Вол Стрит, Dow Jones минатата недела порасна за 1,9 отсто, на 27.682 поени, додека S&P 500 зајакна 1,5 отсто, на 3.348 поени, а исто така и индексот Насдак порасна за 1,5 отсто, на 11.075 поени.

Првиот пораст на индексите Dow Jones и S&P 500 по четири недели пад во најголем дел се должи на закрепнувањето на цените на акциите на технолошките гиганти како  Apple, Amazon.com и Microsoft, откако беа под притисок со недели.

„Со оглед на разочарувањето од Вашингтон, се чини дека инвеститорите одлучија да бараат безбедност во големите технолошки компании, кои ги водеа придобивките на пазарот во последните месеци“, вели Рајан Детрик, стратег на LPL Financial.

Во средината на неделата, инвеститорите беа разочарани од чекор наназад во преговорите меѓу Конгресот и Белата куќа за новиот пакет мерки за фискален стимул.

Министерот за финансии Стивен Мнучин го понуди својот пакет мерки, вреден околу 1.500 милијарди долари, во преговори, додека претставниците на Демократската партија, која има мнозинство во Претставничкиот дом, инсистираат на нивниот пакет, вреден 2.200 милијарди долари.

Ненси Пелоси, претседател на Претставничкиот дом, рече дека демократите и Белата куќа се заглавени во дебатата за вредноста на пакетот.

„Сè зависи од стимулативниот пакет, а топката е во рацете на Конгресот. Ние веруваме дека се приближува договор, но последните чекори честопати се најтешки. Очекуваме дека ќе се постигне договор пред претседателските избори и дека двете страни ќе прогласат победа “, вели Детрик.

И дека стимулациите се неопходни, покажуваат податоците според кои заздравувањето на економијата од коронската криза губи на интензитет.

Бројот на вработени во септември се зголеми за само 661 илјади, по 1,5 милиони во август, што е значително помалку отколку што очекуваа аналитичарите во анкетата на Ројтерс.

Растот на вработеноста во септември е најнизок откако американскиот пазар на труд започна да се опоравува во мај, сигнализирајќи дека ќе биде потребно подолго време да се надоместат изгубените 22 милиони работни места во март и април и дека економскиот раст забави на крајот на четвртиот квартал.

На пазарот исто така лошо влијаеше веста во петокот дека американскиот претседател Доналд Трамп е заразен со коронавирус и е во карантин.

Тоа, велат аналитичарите, придонело за несигурности на пазарите, кои веќе се нестабилни поради претседателските избори во САД во ноември.

И на европските берзи, цените на акциите пораснаа минатата недела. Лондонскиот индекс FTSE зајакна 1 процент, на 5.902 поени, додека франкфуртскиот DAX скокна 1,8 проценти, на 12.689 поени, а парискиот CAC 2 проценти, на 4.824 поени.

На берзата во Токио, пак, индексот Никеи минатата недела се лизна за 0,8 проценти, на 23.029 поени.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *