Предвремени избори за градоначалник во Штип и Пласница на 13 декември

Државната изборна комисија вечерва на седница донесе Роковник за предвремените избори за градоначалник на Општина Пласница и Општина Штип, кои треба да се одржат на 13 декември 2020 година.

Според Роковникот, Јавниот увид во Избирачкиот список започнува на 17 октомври и завршува на 5 ноември. Кандидатурите за градоначалник треба да се достават до 7 ноември. Изборната кампања започнува на 21 ноември, а завршува 10 декември. Ако има втор круг, изборната кампања завршува на 24 декември, а изборниот ден ќе биде на 27 декември.

ДИК го усвои и Упатство за гласање на лицата кои се во домашен карантин поради позитивен тест на Ковид-19 или на кои им е одредена мерка самоизолација со решение од Државен санитарен здравствен инспекторат.

ДИК ќе поднесе барање до МВР за ажурирање на Избирачкиот список, како и барање до Министерството за информатичко општество и администрација за доставување податоци за дополнување на избирачките одбори.

ДИК го усвои и Упатството за начинот и постапката за утврдување за просечна постигната цена и најниска цена за политичко рекламирање.

Предвремените избори во Штип и Пласница следат откако досегашните градоначалници преминаа во извршната, односно законодавната власт.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *