Приоритет на Соединетите американски држави е енергетско поврзување на регионот

Македонија се вклучува во изградбата на терминалот за течен природен гас во близина на грчкиот град Александропулос. Потврда за ова дојде од конзорциумот Гастрејд кој според премиерот Зоран Заев дава поддршка на земјава да биде дел од проектот, а со тоа се создава можност за редовно и трајно снабдување со природен гас. Заев вели дека во иднина гасот од земјава ќе се дистрибуира во земјите од регионот но и пошироко.

„Овие проекти за Северна Македонија и на нашата земја конкретно ќе обезбедат стабилно и континуиранон снабдување со гас независност и конкурентни цени што е во согласност со нашата долгорочна енергетска стратегија“, рече Заев.

Премиерот Заев напомена дека пред две недели на средбата во Атина со министрите за енергетика од земјите од регионот повторно е актуелизирано прашањето за пуштање во употреба на нафтоводот од Солун до Скопје. Заев открива дека се водат преговори со Окта и со грчката компанија Хеленик Петролеум и се надева дека ќе се изнајде како што вели пријателско решение.

„Грчката компанија Хеленик Петролеум е заинтересирана повторно да го стави во функција и да го надгради продуктоводот на деривати“, додаде Заев.

Целиот проект е поддржан од американската Влада. Одговорниот на САД за енергетика кој лично присуствувал на средбите во Атина денеска рече дека од двата проекти – гасоводот и нафтоводот корист ќе имаат граѓаните, а ќе се отвори можност и за привлекување на инвестиции од Америка.

„Многу ни е мило да видиме дека вашата влада покажа интерес за Александропулис. Ова навистина е трансформативно, секогаш кога ќе видиме опции за енергетиката тоа има поширок ефект врз намалување на цените и подобрување на стабилноста отпорнота и потребата на потрошувачите“, рече Францис Фeнон, помошник Државен секретар на САД за енергетика.

Приклучокот на гасоводната мрежа во Александропулос земјава ќе ја чини близу 55 милиони евра. Од европските фондови обезбедени се 13 милиони евра неповратни средства. Со овие пари треба да се платат проектирањето, изведбата, надзорот и слични трошоци кои се во склоп на изградбата на приклучокот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *