СТУДЕНИ ВЕТРИШТА ОД СЕВЕРОТ

ЦРТИЧКИ И ОТРОВНИ СТРЕЛИЧКИ – 86

  1. Студени ветришта се почесто дуваат од северот на нашата земја. Случајно или не, не ретко ветриштата доаѓаат и од високите политички кругови, т.е. oд поединци од нашиот северен сосед! Како, ќе запрашам, треба да се тумачи, на пример, изјавата на српскиот министер за одбрана Александар Вулин дека, според него: “Северна Македонија прави црква на темелите на Српската православна црква”, и додава: “Претседателот на Србија Александар Вучиќ треба да биде претседател на сите срби, каде и да живеат и треба да се создава српски свет”!? Оваа – вторава теза на Вулин можеме да ја третираме во стилот: “Што и е на бабата мило – тоа и се сонило”, но кога тој нас не чепка за црквата, нашата Македонска православна црква, тогаш сметам дека не смееме да премолчимe, а да не реагираме, па дури и да е во прашање изјава на српски министер за одбрана! За жалење е што оgредeни кругови во соседна Србија вештачки и без било каков повод провоцираат проблеми со земја сосед, Република Македонија, со којашто во суштина имаат најстабилни политички односи од сите нејзини соседи! Таканаречениот црковен спор помеѓу МПЦ – Охридска Архиепископија и СПЦ има своја предисторија и ќе биде најмудро политиката да седи настрана, а за проблемот да разговараат преставниците на двете цркви. Впрочем, што има министер за одбрана да дели памет која црква произлегла од друга црква? Лично сметам дека тој (Вулин) е обичен дилетант за црковни прашања, но очигледно е нарцисоиден тип оптоварен со неговото етничко потекло кој дава – онака, како од ракав, изјави коишто знаат да повредат чуства на други, во случајов на нас македонците. Само за информирање на министерот Вулин, Македонија имала своја црква (Охридската Архиепископија, едно време и патриаршија) четири-пет века пред формирањето на СПЦ од Св. Сава (Растко Немањиќ) во 14от век и би било ред г. Вулин малку повеќе да поднаучи, или да биде брифиран од некој подобар познавач на црковната проблематика, за фактите, пред да дава јавни изјави што само штетат на обете страни! Но, не е само изјавата на министерот Вулин повод за мојот осврт на оваа тема. Многу често, навечер, пред легнување, “сурфам” барем еден до два часа на мојот таблет и следам што се пишува или кажува светот за нас како земја и народ. И морам да признам дека сум буквално запрепастен какви се небулози постираат разно-разни “интелектуалци” од нашиот северен сосед. Така на пример, според извесен метузалем, историчарот Д-р Јован Деретиќ, Александар македонски бил Србин (?), Исус бил Србин (!?) и говорел старосрпски, Македонија, според него, била “стара Србија” и да не редам понатаму. Ништо покус во прикажувањето на српството во Македонија не е ни самопрогласениот – наводно голем познавач на тајните служби ширум светот (барем така самиот се претставува во неговите клипови на интернет) Дејан Лучиќ. Според него, на пример: “Повеќето од населението во Солун во 19от век биле срби(!?)”, а тој тврди и дека поранешната премиерка на Турција Тансу Чилер “била од српско потекло!?” Колку за појаснување, претците на Г-ѓа Тансу Чилер подеткнуваат од торбешките села во околината на Прилеп, значи од Македонија и таа нема ама баш никаква врска со Србија!!! Своевиден врв на безумието, барем според мене, е упорното настојување на српската археолошка наука, но и политика, на тезата дека византискиот император Јустинијан Први (градителот на црквата Света Софија во Цариград) бил роден во Србија и тие него упорно го претставуваат како “еден од дури 17 римски императори родени на српско тло”!? Арно ама, сите светски енциклопедии (Види WIKIPEDIA)- без исклучок пишуваат дека императорот Јустинијан Први (кој според хроничарот Прокопиј е по потекло од локалното население), е роден во каструмот (римска тврдина) Тауресиум, или денешно село Таор, на 15тина километри од Скопје!!! Па северниве соседи дури поставиле и табла/патоказ на автопатот од Ниш кон Скопје на којшто е наведено: “Локалитет Јустинијана прима, село Лебане”! Демек, според нив таму бил родниот град на Јустинијан први!? Можеме да претпоставиме која е целта на лансирањето на ваквите средновековни ветришта на игноранција кон нас од поединци од нашиот северен сосед (на среќа не може да се рече дека тоа е и нивна државна и официјална политика, туку станува збор за изјави на лични изјави!), но во секој случај тие не носат никому ништо добро! Па зарем и тие (србите), но и ние, немаме доволно сериозни проблеми дома за да се исцрпуваме со глупости меѓу себе (Историчарот Јован Деретиќ дури во еден постар клип на интернет отворено се залага: “Владата на Србија да изврши инвазија и да ја анектира Македонија”!? До кој степен оди етнозаслепеноста на поединци во соседството којашто, впрочем, доведе и до крвавите војни во 1990тите години од минатиот век!!! Окупацијата од средновековното српско царство на територијата на Македонија никако не ја прави Македонија дел од “стара Србија”, бидејки станува збор за о к у п а ц и ј а и ништо друго!!! Впрочем, Македонија беше пет века под турско/османска окупација. Па дали – по анолагијата на српските среденвек-носталгичари турците треба да ја третираат Македонија како “стара Турција”? Да не е глупаво би било смешно, зарем не!? Министре Вулин, господо од северот, престанете со глупостите бидејќи само сеете зло меѓу двата народа! Живеете со умовите во средниот век, во ерата на феудалните освојувања, па и многу пред тоа! Време е за разум. меѓусебно почитување и соработка, а не за вербални егзибиции коишто не ретко водат кон далеку посериозни конфликти.
  2. Поранешната министерка за внатрешни работи на Македонија, магистер Гордана Јанкуловска во понеделникот (28 септември) беше спроведена на издржување четири години казна затвор и тоа под големо полициско обезбедување! Гревот на Гордана, мајка на едногодишна ќеркичка – според пресудата на Заевите судови, бил затоа што – можете ли само да замислите (?) “влијаела на донесувањето на одлуката за купување на блиндиран мерцедес во вредност од 600.000 евра!”. Па добро бе празноглавци, да ве прашам, кој друг да влијаел на таквата одлука и тоа врз основа на заклучок на влада, ако не министерката? Па министерката одговара, меѓу останатото и за материјално-финансиското работење на МВР, а такво ауто како блиндираниот мерцедес не се купува (барем не кај нас) секој ден! Впрочем, секоја нормална држава каква што настојуваме да се прикажеме м о р а да има такво возило заради безбедноста на нејзиното државно раководство, за пречек на високи гости и други протоколарни потреби! Големите држави како Германија, Обединетото Кралство, Франција, Италија и да не редиме понатаму, (а замислите што се имаат САД, Русија, Кина…во нивниот возен парк!?) имаат цели флоти блиндирани аута, но гревот на Гордана е што влијаела и Македонија да се поднови со такво возило. Верувам дека опозицијата педантно ќе нотира кој се учествуваше во оваа монтирана и пред се политичка и реваншистичка пресуда и кога ќе се смени оваа диктаторска власт и од неа диригираното судство сите до еден да ги напика во затворот Шутка за да осетат на своја кожа што значи таква политичка пресуда. Случајот со пресудата затвор за Гордана Јанкуловска е само уште една потврда дека власта не бира средства нити има било какви скрупули се со цел да се дефокусира вниманието на македонската јавност од духовната и материјална мизерија на која ја сведоа Македонија со помош на нивните странските ментори.
  3. Трет месец по ред граѓаните на Бугарија се на улиците барајки оставка на владата на премиерот Бојко Борисов. Во знак на подршка на протестантите, повеќе европски мас-медиуми објавија написи за корупцијата во Бугарија ставајки ја на врвот на пиедесталот како најкорумпирана земја во Европа! Замислете: просто да не ти се верува дека имало и покорумпирани режими од овој нашиов, на лицето Зоран Заев!? Или, како што констатира угледниот ЕУ Обсервер “според анализите на бројни меѓународни институции и организации, како на пример Трансапpенси Интернешнл, перцепцијата за корупција во Бугарија е највисока во европската Унија”. А според извештајот на американскиот Стејт департмент “корупцијата во Бугарија останува ендемична”! Иако бугарските граѓани секојдневно се на улиците протестирајќи против коруптивната влада и бруталноста на полицијата против протестантите, лицемерната ЕУ и САД само креваат рамења и се правдаат дека, наводно “не можеле да одлучуваат во името на Бугарија”!? Чуден пресврт во ставовите навистина за разлика од широко меѓународна поддршка дадена на сличните протести во 2013 година кога амбасадори протестираа со демонстрантите против контролата на олигарсите во земјата, кога финансирањето од ЕУ беше суспендирано, а амбасадорот на САД дури отиде кај студентите кои го окупираа универзитетот во Софија, а дојде и до изолација на Бугарија од меѓународната заедница! Протестите во Бугарија го покренаа прашањето дали владеењето на правото останува централна заедничка вредност во таа земја и за сите Европејци? Поради корупција на високо ниво, злоупотреби на државата и недостигот на судска независност, Бугарија покажа дека правото во таа земја не функционира, но сепак, фондовите на ЕУ за Бугарија не запреа!? Колку за потсетување, кога националните гаранции за владеење на правото повеќе не функционираат, институциите на ЕУ имаат одговорност да реагираат. Независното судство не е само утврден стандард во демократијата, туку е и законска обврска според членот 19 од Договорот за Европската унија. Состојбите со корупцијата во Бугарија се очигледна илустрација за грдите реалностите во ЕУ која прими и членки тотално неподготвени и кои не ги исполнуваат стандардите на старите членки и основачи, а тоа сега им се враќа како бумеранг. И една таква Бугарија – европски шампион во корупција, според правилата на ЕУ сега е во позиција да не малтретира и да го условува нашите настојвања, но и вложени жртви, за членство во Унијата каде секако ни е заслужено местото.

М-р Мартин ТРЕНЕВСКИ, Поранешен министер и амбасадор

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *