Еурофарм Работник со победа го заврши настапот во Лигата на шампионите, лидерот Бидасоа падна во Битола

Еурофарм Работник вечерва го одигра последниот натпревар од Групата Ц во Лигата на шампионите, клубот од Битола стигна до триумф од 25-23 над лидерот Бидасоа.

Заврши настапот во Лигата на шампионите за Еурофарм Работник, вицешампионот на Македонија вечерва го одигра последниот меч од Групата Ц. Слично како и на претходните натпревари, тимот од Битола приреди драматична завршница во која го совлада лидерот на табелата Бидасоа.

Гостите подобро го започнаа мечот, во неколку наврати имаа три позитива, за на пет минути до крајот на првиот дел да стигнат до највисоки +5 (10-15). Сепак, Еурофарм Работник во финишот го крена нивото на игра, постигна четири гола во серија и на пауза замина само со еден негатива (14-15).

Во второто полувреме ситуацијата беше поинаква, гостите беа тие кои го бркаа резултатот, но Еурофарм Работник не го испушташе тешко стекнатото водство. Во завршните мигови неколку пати имаше егал, за Острушко да погоди за 25-23 на 15 секунди пред крајот и да ги реши сите дилеми.

Токму Острушко со 8 погодоци денеска беше најдобар поединец на Еурофарм Работник, кој својот прв настап во Лигата на шампионите го заврши со три победи и седум порази.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *