Спиро Мавровски: Моето срце секогаш ќе чука за Пелистер

Последно обраќање до сите кои го потпишаа договорот, а посебно до Градоначалничката на град Битола Г-ѓа Наташа Петровска

      Од моето прво, второ и трето обраќање до Вас почитувана помина многу време, од Вас за жал не добивме никаков одговор. Кажувањето дека сте премногу јавни и транспарентни во работењето, апсолутно не се совпаѓа со начинот на кој Вие ја водите Општина Битола. 

       Прво би сакал да го искоментирам договорот  кој се склучи3  на 29.11.2019 год. дали случајно избран датум (Денот на некогашната Република или пак денешната прослава на „црн петок“ во која се вклучувате и Вие), или се совпадна со нешто друго, па потоа да Ве предупредам на последиците од овој договор, се обидов веќе три пати да Ви помогнам да вградите дел од понудените решенија во договорот но Вие упорно си терате по Ваше.

       Во самиот старт каде се најавуваат договорните страни на овој договор, не стои ни сопственик ни газда на РК Пелистер ???, па тоа за жал се совпаѓа со сегашната актуелна состојба во РК Пелистер, ( за жал ситуацијата е што би рекол народот – село без кучиња).

Чл.1  став 2

       Договорните страни изрично се согласуваат дека овој договор не значи и не претставува основ за припојување, преземање, поделба или било која друга статусна промена на РК ЕУРОФАРМ РАБОТНИК и/или РК ПЕЛИСТЕР во смисла на одредбите на Законот за трговски друштва.

     Тогаш едно едноставно прашање? 

     Зошто е овој циркус и кого сакаме да излажеме дека правиме нешто, а всушност не правиме ништо. Штом со овој договор не е предвидено никаква промена во двата клуба, за што е оваа платформа и потпишаниот договор.

     Во останатите точки од договорот се гледа дека ова напишано не е точно и дефинитивно не е  така, затоа што се работи за нова сопственичка структура на клубот, нови газди на РК Пелистер, за префрлање на пари од Општината на сметка на приватен клуб.

Чл.2

Основ за составување и потпишување на овој Договор се следните правни акти:

Платформа за ракометна Битола, доставена до Општината од страна на РК ЕУРОФАРМ РАБОТНИК на 03.07.2019 година

Заклучок за усвојување на Платформата за ракометна Битола бр. 09-105/3 од 30.07.2019, донесена од Советот на Општината на 38-мата седница и

Забелешките во однос на Заклучокот за усвојување на Платформата за ракометна Битола, доставени од страна на РК ЕУРОФАРМ РАБОТНИК во Општината на ден 31.07.2019 година.

Во овој член има неколку чуда:

       Првото е Платформата за ракометна Битола и тоа види чудо доставена од РК Еурофарм Работник ( клуб кој го постигнува најголемиот успех од своето постоење и тоа пласмани во Лига на Шампиони и СЕХА лигата). Која е нивната потреба за спојување со еден клуб како што е РК Пелистер во моментов,  кога претходните натпреварувачки години РК Еурофарм Работник убедливо го победуваа РК Пелистер.

        Второто чудо: од барање за платформа до решение во Општина Битола не помина ни цел месец, сето е завршено на 31.07 2019 год. но за жал денеска е господа 28.11.2019 год. поминаа цели четири месеци, време во кое РК Пелистер требаше да замине на подготовки, да се екипира како со ракометари, стручен штаб, управен одбор и со сѐ што му доликува на еден ваков клуб. До сега не е ништо од ова направено, за жал екипата до последен момент немаше ни седум играчи за да го започне натпреварувањето во Првата македонска лига и во последен момент добиваат 5 (пет играчи) од РК Еурофарм Работник и Трајковски кој за среќа на РК Пелистер се враќа од РК Струга, која се распадна, за да ги почнат натпреварите во лигата. За ова време  доживуваме дебакл во Битола од Охрид, губиме од Вардар 2, со РК Металург 2, Радовиш и дефинитивно може оваа екипа да се запише како РК Еурофарм Работник 2. Потврда за ова е одењето или поточно Одисејата за Швајцарија, во првото коло на ЕХФ ( а не како што стои Челинџ купот), каде доживуваат дебакл од 23 гола разлика, ( на полувреме е 22:5). За ова ли беше платформата.

Чл.4

РК ЕУРОФАРМ РАБОТНИК да купи по номинална вредност 75% од акциите кои општината ги има во РК ПЕЛИСТЕР, согласно позитивните законски прописи на РСМ, како резултат на што соодносот на акциите во РК ПЕЛИСТЕР да биде: 75% во сопственост на РК ЕУРОФАРМ РАБОТНИК И 25% во сопственост на Општина Битола;

Општината да купи по номинална вредност 25% од акциите (125 обични акции), кои акционерот Горан/Татјана/Силјан/Зоран Стерјев ги поседува во РК ЕУРОФАРМ РАБОТНИК, согласно позитивните законски прописи на РСМ, како резултат на што соодносот на акциите во РК ЕУРОФАРМ РАБОТНИК да биде: 75% во сопственост на постоечките акционери (Силјан Мицевски, Татјана Стерјева и Горан Петровски, Зоран) и 25% во сопствност на Општината.

Пред купувањето на акциите ќе биде постигнато сметководствено усогласување на двата клуба. РК ЕУРОФАРМ РАБОТНИК ќе купи 75% од сопственичкиот удел на општина Битола во РК ПЕЛИСТЕР само доколку при сметководственото усогласување се утврди дека РК ПЕЛИСТЕР не поседува долгови и обврски.   Доколку во иднина се појават други непријавени обврски на РК ПЕЛИСТЕР  кои се со датум од пред купување на акциите во РК Пелистер од страна на РК Еурофарм Работник и кои не биле предмет на сметководственото усогласување, подмирувањето на тие обврски (по сите основи) ќе го превземе Општина Битола.

РК Еурофарм Работник се обврзува дека нема да го згасне правниот идентитет на РК Пелистер. Доколку од објективни причини во иднина се наметне потреба клубот РК Пелистер да се даде во владение на друг сопственик, РК Еурофарм Работник е должен одлучувањето за новиот сопственик  да му го препушти на Советот на  Општина Битола. При евентуално превземање на РК Пелистер од друг сопственик, РК Еурофарм Работник има право само на материјален надоместок кој ќе биде идентичен со сумата на материјални средства кои РК Еурофарм Работник ќе ги вложи при купување на акциите на РК Пелистер. При таква ситуација сопствениците на РК Еурофарм Работник ќе ги откупат 25% од акциите во РК ЕУРОФАРМ РАБОТНИК кои ги поседува Општина Битола и ќе ја ослободат Општина Битола од сите понатамошни обврски кон РК ЕУРОФАРМ РАБОТНИК.

        Зошто пишувам Пелистер 2008, многу од граѓаните па и навивачите, не знаат дека по „преземањето“ на клубот во 2008 година, некој формално правно го поништи постоењето на РК Пелистер и регистрира нов клуб РК Пелистер 2008. Тој како нов клуб требаше да почне да се натпреварува од најнискиот ранг на натпревари, т.е. од Втората лига за да стигне во Супер лига. Но како сето ова некој го заврши треба да се прашаат органите во РФМ, кои го дозволија тоа и беа дел од таа игра. Ова е за почеток и запознавање на пошироката јавност за што се работи во основа. Ова е за делот од платформата за почитување на традициите. Значи Општина Битола никогаш не се заинтересира кои долгови ги имаше клубот РК Пелистер пред да биде регистриран како РК Пелистер 2008, така да сега со овој договор таа се јавува како правен субјект да ги подмири тие долгови, или ова се работи само за новорегистрираниот клуб РК Пелистер 2008.

        Во овој член  се пропушта нешто круцијално. Се нагласува дека РК Еурофарм Работник се обврзува дека нема да го згасне правниот идентитет на РК Пелистер. Но што ако се случи обратното РК Еурофарм Работник да згасне како правен субјект во наредните пет години. Зошто во договорот ова никаде не е нагласено. Што ќе се случи тогаш, а можно е да се предвиди таква ситуација (Самсоненко со РК Вардар како Европски шампион дојде на идеја да го ликвидира клубот, зошто не гледа профит). Што со акциите на РК Пелистер, што со акциите на Општина Битола (граѓаните на Битола) во РК Еурофарм Работник, кој е гарантот дека тоа не може да се случи.

        Уште едно важно прашање: на кој правен субјект ќе се препишат евентуалните успеси( дај Боже да ги има, освојување првенства и купови во државава и на меѓународен план), на кое конто ќе бидат впишани.

Чл. 5

Договорните страни се согласни вкупниот годишен буџет на двата клуба да изнесува најмалку 60.000.000,00 денари (ракометната година ќе се смета од јули тековната до јули наредната година).

Општина Битола почнувајки од натпреварувачката сезона 2019/2020, во наредните 5 (пет) натпреварувачки сезони да обезбедува 15.000.000,00 денари по натпреварувачка сезона (доколку РК ЕУРОФАРМ РАБОТНИК игра во европски натпреварувања и СЕХА лига) за финансирање на двата клуба (општината при обезбедувањето на средствата ги има на располагање 25% од сите ресурси и можности на клубовите).

За првата година од договорот 2019/2020 година, во годишниот буџет ќе се земат во предвид сите средства кои ги вложиле двете страни поединечно во двата клубови од 01.07.2019 година и кои се однесуваат на обврски за екипите за сезоната 2019/20 година (плати на играчи и тренери за јули и август, опрема за тренинг и утакмици, припреми на екипата, патувања и други обврски прифатливи за двете страни). Средствата кои се потрошени за подмирување на стари долгови и не се однесуваат на реални потреби за сезоната 2019/20 нема да се врачунуваат во заедничкиот годишен буџет.

         Буџетот е предвиден на минимални 60 милиони денари или 1 милион евра. Што ако сенајдат спонзори кои би вложиле во клубот и сега буџетот стане 5 милиони евра или 300 милиони денари. Дали тогаш општина Битола ќе учествува во приватниот клуб со удел од 25% или пак цели 1.250.000 евра. Дали тоа ќе биде надокнадено од буџетот на Општина Битола или Општината редовно ќе учествува со 250.000 евра. Во договорот нигде не стои ништо.

        Да не заборавиме, тоа се пари на граѓаните на Битола т.е. општествени пари, вложени во приватен клуб, а за тоа Г-ѓа Петровска никој не ги прашал граѓаните (мислам дека немало референдум за да се изјаснат граѓаните), дали се сложуваат нивните пари да бидат дел од оваа платформа и да завршат во приватни џепови, а не се работи за малку пари.  Дали доволно размисливте за потписот, ова не е правно издржано, некој многу брзо ќе бара одговорност за овој договор.

          Ете стигнуваме до суштината. Обврските на Општина Битола ќе бидат во висина од 250.000 Евра, ако на ова го додадеме ваучерот што оваа година го доби РК Пелистер од Агенцијата за млади и спорт, прашање дали го доби, од 100.000 Евра станува респектабилна сума од 350.000 Евра. Ве уверувам дека со овие пари многу лесно РК Пелистер може и ќе биде прв во натпреварување со Охрид, Бутел, Пролет, Радовиш, вторите екипи на Вардар и Металург, Струга, сигурно нивниот буџет не е ни приближен до овој.

Сега ние стануваме за жал РК Работник 2, така да ништо од овие средства не е дефинирано каде ќе завршат. Зошто како што е нагласен управувачкиот капитал на клубовите, никаде не напишавте јасно, прецизно,децидно да го нагласите соодносот колку од средствата ќе завршуваат во едниот а колку во другиот клуб.

Ова непрецизност не е случајна и дава можности за многу манипулации, затоа внимавајте Г-ѓо Петровска одговорноста е Ваша.

Чл. 6

Во однос на управувачката структура, договорните страни се согласни, а имајќија во предвид сопственичката структура, општината во двата клуба да предложи по два свои претставници, во својство на неизвршни членови во одборите на директори, а останатите седум членови да бидат претставници на мнозинските акционери.

        Раководната структура ќе биде на оној кој има поголем удел во клубот и нормално е средствата да завршат таму а вториот клуб да добива трошки, некои ситни стипендии за играчите, или како сега, каде повеќето играчи не добиваат ништо, со овие средства не ќе може да се прават прави играчи. За жал и да ги направиш, можат многу брзо да преминат во други поквалитетни и финансиски побогати клубови.

    Прекретница е ова, ако се фузираат двата клуба не знам што нуди РК Пелистер во таа фузија, дали се тоа квалитетни играчи – сигурно не, спортска сала – истата е и за двете екипи, имот на клубот – РК Пелистер нема ништо, нема ни дресови, навивачи – со неуспесите се сѐ растура па и навивачката група, тоа е веќе видливо.

    Мислам од ова нема ништо, пак ќе остане како што е, со таа разлика што сега РК Пелистер ќе биде вториот тим во играта и ќе се вика ЕУРОФАРМ Пелистер 2, како што во лигата се младинските екипи на РК Вардар и РК Металург. Ако е тоа целта тогаш е во ред. Навивачката група расте или ја нема заедно со успесите на клубот, доколку сега младинската екипа на РК Металург го победуваше Пелистер во Битола а исто и РК Охрид и другите екипи, како ќе биде сега? Или пак Пелистер е во аут, а ние сите ќе „навиваме“ за Еурофарм мислејќи дека е Пелистер.

      Добро е што Општината размислува на овој начин, но не знам кој го принудува газдата на РК Еурофарм Работник да влезе во една ваква, најмалку кажано валкана игра, затоа што тој можеше да го купи клубот и пред  5 или 10 години, или кога му беше понуден пред 15 години, но за жал тоа не се случи. Зошто сега кога постигнува големи резултати и нема никаква потреба од РК Пелистер некој,  кој е тој што  му го наметнува (се надевам не сте тоа Вие Г-ѓо Петровска),  тоа како решение. 

       Дали со ова некој сака да ја прикрие постоечката состојба (не сакам ни да помислам дека сте тоа Вие Г-ѓо Петровска), и не сака да даде отчет за потрошените финансиски средства дадени од Општина Битола на РК Пелистер, колку се тие и како и за што се потрошени во натпреварувачките 2017 и 2018 година.  

      Ова говори за Вашата транспарентност, за жал, дури и на официјално барање од советник од Општината Вие до денес, до потпишувањето на договорот, не дадовте одговор, или пак најтранспарентно да ги понудите на увид финансиските извештаи за натпреварувачките 2017 и 2018 година и се разбира тука веќе треба да има и извештај за потрошени и поделени средства за тековната 2019 сѐ до потпишувањето на договорот.   

     Дали е сето ова природно, апсолутно не е.

     Дали  РК Еурофарм Работник ќе добие навивачи, сигурно НЕ, (кога се постигнуваа најголемите успеси и се играше финалето на Џелинџ купот, некои од „навивачите“ од „револт“ ги искршија просториите на клубот).

   Се прашувате зошто? Се прашувам и јас? Но за жал до ден денес одговор нема !!!  Толку и за тоа.

       Спортската сала Боро Чурлевски ќе треба да ги задоволи минималните услови за одржување натпревари од Лигата на шампиони и СЕХА лигата. Ние се уште се занимаваме со фризерај на салата, многу скоро ќе дојдат новите побарувања од ЕХФ за комплетна адаптација но дали има план и средства за тоа. Во минатото таа беше гордост на цела Македонија, и по својата големина, но најповеќе по врвниот ракомет што се играша во неа.  Ние смесеуште со нашата сала, изградена од местен самодопринос на граѓаните на Битола, уште со минимални услови за одигрување на натпревари и за жал без никаква иницијатива за една нова велелепна сала која Битола ја заслужува. Ова треба да е предизвик за Општина Битола, сѐ друго е крпачка работа, како и досега. За ова во договорот не е споменато ништо, авеќе догодина од ЕХФ ќе се постават нови дополнителни услови и критериуми кои нема да можеме да ги постигнеме, и повторно големо ништо.

    Останувам на тоа, Само еден клуб, само еден град, само Пелистер, само Битола. И покрај тоа што во период од 5-6 години (период 2003-2008 год.), кога Пелистер беше финансиски во голема криза, не се најде ни еден стопанственик од Битола да се ангажира и помогни за поголеми успеси на клубот, да го почуствува пулсот на таа млада екипа, екипа спремна и за најголеми достигнувања. За жал тие играчи станаа главни играчи на нашите најголеми конкуренти кои со леснотија почнаа да не победуваат, а од друга страна гордост за градот и Македонија, носејќи го репрезентативниот дрес  и постигнувајќи ги најголемите успеси во ракометниот спорт, а градот и стопанствениците не го почуствуваа прекрасниот момент,  исто како и сега за жал.

     Моето срце секогаш ќе чука за Пелистер и верните искрени навивачи на клубот.

Битола, 29.11.2019 год.                                                                          Секогаш Ваш

                                                                                                                   Спиро Мавровски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *