„Дома си е дома“ – Смоларски водопади, Гевгелија ,Дојран, Шар Планина (Видео)

Југоистокот од земјата нуди топло добредојде за домашните и странски гости. Ова е регион кој ќе ви открие водопади, езера, густи шуми и планински широчини.

Смоларски водопад е сокриен меѓу столетните букови дрвја на северните падини на планината Беласица. Долж планинската патека, триста скалила ве очекуваат да се искачите на надморска висина од 600 м.  Овој е единствениот постојан водопад во Македонија. Со висина од 39,5 метри, Смоларски водопад е највисокиот во земјава. Доколку сте обучен љубител на екстремни спортови, како што е кањонскиот спорт, тогаш со потребната алпинистичка опрема може да се впуштите во предизвикот да се спуштите по должината на Смоларски Водопад. Адреналинот загарантирано ќе се покачи.

Гевгелија, во подножјето на планината Кожуф, е примамлива дестинација преку целата година, затоа што нуди одлични услови за историски туризам, планински велосипедизам, јавање коњи, параглајдинг, пешачење и лов, а браната на реката Точница е предвидена за риболов и кајак. Тука се и Негорските бањи со 36 хектари гyста шума. Хидротермалниот систем на бањите го чинат повеќе извори и дупнатини со лековита вода од натриумско-сулфатен тип. Температурата во различните извори се движи од 36 до 50°С, а во близина на бањите има и термоминерална кал.

Дојран и брегот на Дојранското Езеро ќе ве вовлечат во културата и традицијата на риболов која датира уште од времето на Пајонците. Препознатлив по топлата вода, симпатичните рибарски куќички, кајчиња и мрежи, Дојран ќе ве опушти со својата лежерност и топлина.

Погледнете го видеото за повеќе идеи и локации за авантура без пасош.

Серијалот од 10 видеа за промоција на домашниот туризам се изготвени во рамки на кампањата „Дома си е дома“. Истите се изработени со финансиска поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка, преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), во соработка со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *