ТРИ МЕСЕЦИ ПРЕД ИЛИНДЕН: Смилевскиот конгрес утврдил смртна казна за секој предавник!

–  Смртната казна можела да биде извршена со стрелање или со бесење, а се изрекувала во случај на предавство на татковината. Смртна казна се применувала и над војводата кој ќе се предадел на непријателот сам или со четата ,  – пишува академик Александар Христов во студијата за системот на правосудство во дејствување на ВМРО. – Смртна казна се извршувала и врз оние што работат на пропаганда за расцепување на Органицацијата!

Пишува: Блаже Миневски

Во документите на македонските револуционерни судови од 1878 до 1912 година меѓудругото пишува дека предавниците на македонската кауза немале можност за помилување: „Кој ќе се фати или ќе се дознае дека е шпион или предавник ќе се казни со смрт“, пишува во Уставот на  Кресненското или како го што нарекувале востаниците Македонското востание од 1878 година. Според  анализата  на д-р Милка Ристова, екс судија на Врховниот суд на Македонија, овој став на Уставот уште појасно е изразен во членот 14 кој пропишува: „Секој  предавник или шпион, каков и да е, и од каде и да е, ќе се гони и откако ќе се фати, по извршената истрага со мачење, ќе се убие.“ Во својата   книга  „Кривичното правосудство во Македонија 1878-1912 година, авторката д-р Милка Ристова ги истражува почетоците на поновата државно-правна историја на македонскиот народ кога една од најчесто пропишуваните казни  во кривично- правните одредби од документите на македонските револуционерни организации е  смртната казна. Смртната казна за предавници се извршувала без одлагање, а иста казна се санкционирало и секое ’преговарање со непријателот и неовластено донесување  на одлука за предавање на востаниците’ и слично. По правило казната врз сторитело т се извршувала  ’јавно пред селото’.  И во Уставите и Правилниците на  Македонската револуцционерна организација од 1893/94 година како најтешки казниви поведенија се сметале дејствијата на шпионажа и предавство за кои е пропишана смртна казна. Во мемоарите на Никола Петров Русински во врска со смртната казна пишува: „Ние немаме участоци и затвори; секоја пресуда е убиство на предавниците.“

Тешање и глоба

Во студијата на академик Александар Христов, пак, објавена во Скопје во 1951 година во тираж од 3.000 примероци, пишува дека Македонската револуционерна организација заедно со формирањето на првите чети започнала и со организирање на  своите револуционерни правосудни органи: „Револуционерното судство на ВМРО најпрво е доверено на војводата. Тој суди за сите кривични дела, решава одделни спорови и донесува  пресуди. При вршењето на правосудните функции, војводата  не постапува според некои утврдени процесни правни начела но сепак е должен да води доказна постапка, односно да собира и да ги проверува доказите и да врши извидување. Откако ќе ги собере фактите, а народот учествува и во собирање на фактите и во самиот судски процес,  донесените пресуди од страна на војводата народот ги прима како правични па затоа се почесто се обраќа кон него за решавање на споровите. Притоа, вршејќи правосудни функции, војводата постепено внесува и извесен ред во постапката, односно процедура, а ЦК на ВМРО донесува и одредба во која е утврдено двостепено разгледување на делата. Кога ќе се исцрпат сите можности за утврдување и докажување на делото, смртната казна, ако биде донесена, се извршува од страна на четата или за таа цел определени комити. За да се добие поголема гаранција за праведноста на донесените  и извршените  смртни пресуди, од страна на ЦК на ВМРО е донесено решение-наредба со кое се предвидува смртната казна да може да се извршува само откако донесената пресуда ќе биде потврдена-одобрена од Окружниот револуционерен комитет, односно, во определени случаи, од самиот Централен комитет на ВМРО. По правило секоја смртна казна му се соопштувала на народот на јавни собири. Доколку тоа не можело да се направи, тогаш при донесувањето на пресудите се повикувале поголем број селани од блиските села на местото каде што се води судскиот процес, и во нивно присуство се донесувала пресудата. Оваа процесна форма е практикувана особено при донесувањето на пресуди за народни  непријатели, шпиони и злосторници“, пишува академик Христов во студијата за судовите на ВМРО, додавајќи дека судските органи на ВМРО разгледувале бројни кривични дела а меѓу нив, со особена внимание, ги третирале кривичните дела шпионажа, предавство и слично.

„Голем број пресуди судските органи на Оганизацијата донесувале и по пријави поднесени од страна на поединци. Кон крајот на 1900 година, ВМРО успева да создаде широка мрежа револуционерни комитети во Македонија,  а во секој комитет, или како што тие уште се викаат „управителни тела“, веднаш се формираат и таканаречени „Судски групи“, односно „Судски комисии“ или „Судски оддели“, кои имаат определени судски функции. Во составот на судските групи, односно судските комисии, учествуваат определен број на  револуционерни комитети, а членовите се избираат заедно со членовите на комитетите. Револуционерните судови судат во состав од три до пет члена. Мемоарските и други документи од тоа време потврдуваат дека разгледувањето на судските предмети и спорови е една од важните функции на Организацијата.  Војводата, покрај своите организационо-агитациски работи, кои мора да ги врши на теренот, задолжен е и за определени судски функции. Во првите неколку години на дваесетиот век се изградува цел систем на казни, а најтешка казна е смртната казна. Вакви казни судовите изречуваат во сите тешки случаи на издавање тајни на Организацијата, предавање чети на турската  власт,  за блудство со Турчин или Турчинка, а во некои случаи и за извршена кражба. По својата тежина, односно како втора казна по смртната е казната со тепање и глоба. Парична казна се одредувала за помали дела. И во востаничкиот таканаречен дисциплински устав, донесен на Смилевскиот конгрес во 1903 година, биле утврдени неколку степени на кривични дела и казни: смртна казна, разобличување пред четата, обезоружување, префрлање во друга чета, укор, сменување од должност и слично. Смртната казна можела да биде извршена со стрелање или со бесење, а се изрекувала во случај на предавство на татковината извршена од востаник. Казна се применувала и над војводата кој ќе се предадел на непријателот сам или со четата“, пишува академик Александар Христов во студијата за системот на правосудство во дејствување на ВМРО.

Смртна пресуда за предавство, разбојништво и  разврат! 

По балканските војни, но и по Првата светска војна, кога Тодор Александров станува лидер на Организацијата, судењата и судските процеси остануваат составен дел на револуционерната борба. Во јуни 1921 година, на пример, ЦК на ВМРО до сите околиски комитетски, селски одбори и нелегални групи на Организацијата, испраќа инструкции за дејствување на теренот. Строгодоверливото писмо почнува со дефинирање на државата „Автономна Македонија, независна од балканските држави“, а следниот пасус се однесува на средствата  кои ќе се користат за да се стигна до автономија, односно преку „создавање на тајна, моќна, недофатлива револуционерна организација, неранлива за непријателите и поробувачите на Македонија, која ќе работи на сите можни начини за постигнување на Автономна Македонија.“ Судските пресуди на Организацијата се движеле од укор, ќотек од 20 стапа, глоба од 5 лири или динари, драхми или левови – еднакви на пет турски златни лири, –  преку ќотек од 20 до 50 стапа, глоба до 10 лири или динари, драхми, левови – еднакви на десет турски златни лири за покрупни или за повторени грешки и прекршувања на законот – до смртни пресуди за докажани престапи – предавство, убиство на невин човек, разбојништво и разврат со силување.

Македонската револуционерна организацијата имала и свои судови за танаречени дела од неорганизационен карактер, како што се спорови за наследство, за меѓи и други приватни тужби кои се разгледувале од арбитражни, помирителни комисии од по две до три лица, предложени од секоја страна во спорот. Во таа насока Централниот комитет на ВМРО испраќа и тајно циркуларно писмо до раководителите на окрузите на ВМРО со две „таблици  за казните кои организациските судови можат да ги применуваат врз огрешените организациони членови и раководни лица, но и врз престапниците надвор од Организацијата“. Во образложенијата на казните стои објаснувањето дека „ќотек се применува само за оние кои не се разбираат од збор и кои не би можеле да се подобрат со некоја од другите видови казна“,  а  „смртна казна се наредува секогаш од страна на суд со пресуда, потврдена од член на Централниот комитет, од раководителите на окрузите или од нивните специјални полномошници“. Во овој своевиден „казнен законик“ на Организацијата  биле предвидени и санкција за „навредливи зборови, пцовки и подигрувања“. Во таа насока била изготвена и Таблица за пропишаните казни со потпис на Тодор Александров. Таблицата содржи 18 глави и секоја глави има по неколку параграфи кои ги прецизирааат постапките и соодветните казни за секој степен од делата што се извршени. Првиот член гласи: „Шпионство или издавање тајни на организацијата на противници се казнува со смрт“. Смртна казна била предвидена и за разбојништво но и  за шверцерство, при што се конфискувала и запленетата стока во полза на Организацијата. Смртна казна била превидена и за оние што ќе работат на пропаганда за расцепување на Органицацијата, како и во случај доколку  активен член на Организацијата заспие на стража, а притоа има жртви или голема материјална штета предизвикана од неговото неодговорно однесување. Според таблицата на ВМРО, за сите казни, освен смртната, се разбира, пресудената казната се  дуплирала ако се повтори  делото, но за  оние кои по третпат ќе направеле  исто дело, казната била смрт без право на  жалба.

Македонските судови од ВМРО до КПМ!

Првата етапа од развојот на правосудниот систем во Македонија започнува со правосудството на Македонската револуционерна организација, како дел од структурата на Организација и како судска институција преку која се остварувала организациската власт и законодавството на дел од територијата на Отоманската Империја. Првите напори за создавање на граѓански суд потекнуваат од Правилникот донесен на Рилскиот конгрес во 1905 година, а првите редовни цивилни судови во Македонија биле формирани со Одлука на Второто заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година. На 20 октомври 1944 година е донесено Решение на Президиумот на АСНОМ со кое се предвидува дека до целосното уредување на правосудството во Македонија судењата ќе се вршат во рамките на народноослободителните одбори. Следната година, на 31 март 1945 година, била донесена Повелбата на АСНОМ за устројството на редовните народни судови на Федерална Македонија и Решението на АСНОМ за создавање Суд за судење на престапи против македонската национална чест. Со Повелбата се основани 25 околиски судови, 3 обласни судови со седишта во Скопје, Штип и Битола, и Врховен суд со седиште во Скопје.

Рамка 2

Војводата Славејко Арсов за пресудите на револуционерниот суд :

„Го одведовме на Ниџе Планина  и  пресудивме!“

„Во Кономлади, Костурско, Делчев беше дал слобода на сите селани да се жалат пред него за сите неволји, дури и против четата…  Делчев седеше со реонските раководители како претседател. Реонските раководители распрашуваа, тој слушаше, се советуваше со раководителите и даваше заклучоци, се соопштуваше на селаните и веднаш се извршуваа помирувања итн… Сето тоа: чета, општо собрание, суд, за мене беше ново… Од Лерин ни пишаа и ни ги посочија предавниците, а ние се помачивме и фативме два-тројца од с. Борешница, меѓу кои и еден учител по име Петар… Го одведовме на Ниџе Планина кај попадиските трла, и таму пресудивме.. Имаше и накажување со тепање, ако некој не сака да го исполни решението…“, пишува војводата Славејко Арсов во своите спомени.

Војводата Пандо Кљашев за судските задолженија на Организацијата:

„Луѓето без збор ги извршуваа одлуките на Делчев!

„Делчев се зафати да ги исправи работите и тоа прво во Кономлади. Таму имаше подметнувања, крадење, блуд. Селаните од ова село беа добри само во едно: беа храбри и подготвени да помогнат. Делчев детално ги испитуваше сите пороци во селото – кражбите, блудничењето… Целото село разбра дека дошол најголемиот човек, началникот на Организацијата. „Поголем од него нема“. Делчев ги викна селаните кои имаа проблеми, кои сакаа да се пожалат за нешто и на некого, да дојдат кај него. Тогаш првпат се постави начелото судските работи да се решаваат во раководното тело, а на селаните им се забрани да одат во турските судници. Делчев во мое присуство и во присуство на Марко, на Чакаларов, Москов, Стефо Кузов и на Георги Пешков, тогашен битолски раководител – спроведуваше испитувања, донесуваше пресуди кои четата потоа ги реализираше. Делчев беше дојден само со еден другар, Иван Манолев, а четата на Марко броеше 13 души. Луѓето без збор ги извршуваа одлуките на Делчев. Брзо се одлучуваше – најголемото дело за еден час…“,забележал во своите спомени војводата Пандо Кљашев.

Според мемоарите на Никола Петров Русински:

„Гоце Делчев беше врховен судија на Организацијата!“ 

  Во спомените, објавени педесет и пет години по неговата смрт во Скопје, војводата Никола Петров Русински, близок соработник на Гоце Делчев и учесник во Илинденското востание, меѓудругото сведочи за случај кога од страна на селаните бил фатен еден од предавниците на македонското дело а тој како војвода требало да  го спроведе до главниот револуционерен суд со кој раководел Делчев: „Да го убиеме? Тоа и тие самите, без мене, можат да го сторат. Што треба да се направи… Целта ми беше да ги убедам да го одведам пред револуционерниот суд, каде го чекаше Гоце Делчев…Испратив извештај до Окружниот раволуционертен комитет дека дојдов од Охрид со Горанов, и дека треба да дојдат и да го земат. Дојдоа двајца комити и ноќта го одведоа при Делчев. Сите докази му беа дадени на Окружниот револуционерен комиет од страна на Охридската организација, врз основа на која револуционерниот суд донесе пресуда…“.

Денешен

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *