Наградата за животно дело на Битола, годинава, за Благој Стефановски-Баге

Благоја Стефановски е добитник на годинешната награда „4 ноември“ за животно дело, која секоја година ја доделува општината по повод Денот на ослободувањето на Битола.

Стефановски е поранешен министер за култура, како и поранешен директор на Народниот театар во Битола. Роден е на 7 март 1953 година.  Дипломирал на отсекот за драмски актери на Факултетот за драмски уметности во 1975 година. Од 1975 до 1980 година бил директор на Битолскиот народен театар. Бил претседател на Фестивалот „Браќа Манаки”, претседател на Советот и селектор на драмската програма на Фестивалот „Охридско лето” како и претседател на Фестивалот „Војдан Чернодрински”. Од 1994 до 1998 година бил пратеник во Собранието на Република Македонија. Од 1 ноември 2002 година до 6 јули 2006 ја извршуваше функцијата министер за култура. За наградата е предложен од Битолскиот народен театар.

Покрај наградата за животно дело, годинава ќе бидат доделени и седум едногодишни признанија.

Добитници на признанијата се:

Васко Михалчев – пилот во Дирекцијата за заштита и спасување, кој е предложен заради значаен придонес со своето учество во гаснење на повеќе од 90 настанати пожари, од кои само во еден месец имало повеќе од 45 пожари.

Педагогот Ѓорѓи Лазаревски заради остварувањата и неговата активност во полето на литературата во изминатата година, посебно за неговите издадени две книги „Педагошко-психолошка служба во Битола и битолско (1973-2018)“ и „Шепотот на пелагониските села“.

Д-р Јасмина Буневска Талевска – предложена заради нејзините признанија добиени на европско ниво во изминатиот период како резултат на вложениот труд, работа и ентузаијазам на полето на подигнувањето на сообраќајната безбедност, култура и мобилност.

Печатницата Киро Дандаро – го добива признанието како успешна компанија која не само во Битола туку и на европско тло опстојува како бренд повеќе од 70 години.

Психологот м-р Марија Младеновска Димитровска заради нејзините  достигнувања во областа на психологијата и успешното претставување на Општина Битола и Македонија на 16 Европски конгрес за психологија каде го изложи својот истражувачки труд на Московскиот Државен Универзитет Ломоносов.

Хуманистката Марија Росенгрен заради остварувања од областа на хуманоста. Има направено повеќе хуманитарни дела, донации во училиштето Ѓорѓи Сугарев, во Заводот „Кочо Рациб“, во битолската болница и други.

Градинката „Мајски цвет“ ќе го добие признанието заради достигнување во областа на социјалната заштита, организирање повеќе обуки, работилници, како и ментор на студентите од прва година на Педагошкиот факултет во Битола.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *