Капиталните инвестиции потфрлија во првите 3 квартали од годината

Пари за капитални проекти има, но реализацијата закочува низ административните лавиринти, вели министерот за образование. Во неговиот ресор за 9 месеци потрошени се околу 30% од парите наменети за капитални проекти.

“Има проблематични проекти кои се предвидени, особено за некои училишта како проекти. Но, има и административни постапки и лавиринти и до сега не сме успеале да стигнеме до дозвола за изградба и заради тоа некои проекти не биле финализирани или воопшто почнати”, вели министерот за образование Арбр Адеми.

Државата за 9 месеци реализираше околу 37% од планираните капитални инвестиции. Според подароците од Министерството за финансии, најголема е реализацијата токму кај нив, но и во Министерствата за Култура, Транспорт и врски, МНР, Економија и МВР. Процентуално, меѓу најслабите се вбројуваат Министерствата за локална самоуправа, Правда, Информатичко општество, Одбрана, Труд и Земјоделие.

Од Министерството за труд велат дека
“Реализацијата на капиталните инвестиции на МТСП тече според предвидената динамика. Согласно планот, во вторатата половина од годината се очекува најголемата реализација, односно очекуваме годината да заврши со реализација од околу 90%, приближно ист процент како минатата година.”

Вицепремиерот Анѓушев вели дека со ребалансот внимателно ги одмериле планираните капитални инвестиции и очекува да се реализираат до крајот на годинава.

“Што се однесува до Владата, таму има оставено средства доколку дојде, согласно пропозициите на Законот за енергетика, да Владата откупи дел од уделот во ГА-МА. Значи тие средства се наменети за таа намена и тие ќе бидат наеднаш реализирани и затоа се предвидени толку средства”, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер задолжен за економски прашања.

Од најголемата опозициска партија обвинуваат за непродуктивни трошења.

“ВМРО-ДПМНЕ постојано укажува на тоа дека капиталните инвестиции се на историски најниско ниво и од она што можеме да го видиме преку сите задолжувања единствено се трошат за непродуктивни трошоци”, вели Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, денеска турската компанија Пурпласт потпиша договор за закуп на градежно земјиште во Бунарџик. Фабриката ќе почне со работа во текот на идната година, а ќе се произведуваат пластични компоненти за автомобилската индустрија. Во првата фаза инвестицијата ќе изнесува 5 милиони евра, а ќе се вработат стотина лица.

НАЈГОЛЕМ ПРОЦЕНТ НА РЕАЛИЗАЦИЈА ПО МИНИСТЕРСТВА ЗА 9 МЕСЕЦИ

ФИНАНСИИ76,51%
КУЛТУРА65,16%
ТРАНСПОРТ И ВРСКИ58,97%
НАДВОРЕШНИ РАБОТИ57,09%
ЕКОНОМИЈА55,87%
ВНАТРЕШНИ РАБОТИ51,45%

НАЈНИЗОК ПРОЦЕНТ НА РЕАЛИЗАЦИЈА ПО МИНИСТЕРСТВА ЗА 9 МЕСЕЦИ

ЛОКАЛНА САМОУПРАВА2,79%
ПРАВДА10,25%
ИНФОРМАТИЧКО ОПШТЕСТВО И АДМИНИСТРАЦИЈА13,1%
ОДБРАНА20,12%
ТРУД И СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА21,37%
ЗЕМЈОДЕЛСТВО, ШУМАРСТВО И ВОДОСТОПАНСТВО24,16%


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *