Спиро Мавровски за претстојниот договор помеѓу општина Битола и РК Еурофарм Работник

Господинот Мавровски понуди свои размисли и понудени решенија во врска со претстојниот договор помеѓу општина Битола и РК Еурофарм Работник кои во целост ги објавуваме :

Прво би сакал да го искоментирам претстојниот договор кој треба да се склучи веќе утре 10.10.2019 год. па да искоментирам за можни други решенија.

Во самиот старт каде се најавуваат договорните страни на овој договор не стои ни сопственик ни газда на РК Пелистер ???, па тоа за жал се совпаѓа со сегашната актуелна состојба во РК Пелистер,( за жал ситуацијата е што би рекол народот – село без кучиња).

Да почнеме со ред:

Чл.1  став 2

Договорните страни изрично се согласуваат дека овој договор не значи и не претставува основ за припојување, преземање, поделба или било која друга статусна промена на РК ЕУРОФАРМ РАБОТНИК и/или РК ПЕЛИСТЕР во смисла на одредбите на Законот за трговски друштва.

     Тогаш едно едноставно прашање: Зошто е овој циркус и кого сакаме да излажеме дека правиме нешто а всушност не правиме ништо. Штом со овој договор не е предвидено никаква промена во двата клуба, за што е платформата. Во останатите точки од договорот се гледа дека ова напишано не е точно и дефинитивно така, затоа што се работи за нова сопственичка структура на клубот, нови газди на РК Пелистер, за префрлање на пари од Општината на сметка на приватен клуб.

Чл.2

Основ за составување и потпишување на овој Договор се следните правни акти:

Платформа за ракометна Битола, доставена до Општината од страна на РК ЕУРОФАРМ РАБОТНИК на 03.07.2019 година

Заклучок за усвојување на Платформата за ракометна Битола бр. 09-105/3 од 30.07.2019, донесена од Советот на Општината на 38-мата седница и

Забелешките во однос на Заклучокот за усвојување на Платформата за ракометна Битола, доставени од страна на РК ЕУРОФАРМ РАБОТНИК во Општината на ден 31.07.2019 година.

Во овој член има неколку чуда:

       Првото е Платформата за ракометна Битола и тоа види чудо доставена од РК Еурофарм Работник ( клуб кој го постигнува најголемиот успех од своето постоење и тоа пласмани во Лига на Шампиони и СЕХА лигата). Која е нивната потреба за спојување со еден клуб како што е РК Пелистер во моментов,  кога претходните натпреварувачки години РК Еурофарм Работник убедливо го победуваа РК Пелистер.

        Второто чудо: од барање за платформа до решение во Општина Битола не помина ни цел месец, сето е завршено на 31.07 2019 год. но за жал денеска е господа 10.10.2019 год. поминаа цели два и пол месеци, време во кое РК Пелистер требаше да замине на подготовки, да се екипира како со ракометари, стручен штаб, управен одбор и со сѐ што му доликува на еден ваков клуб. До сега не е ништо од ова направено, за жал екипата до последен момент немаше ни седум играчи за да го започне натпреварувањето во Првата македонска лига и во последен момент добиваат 5 (пет играчи) од РК Еурофарм Работник и Трајковски кој за среќа на РК Пелистер се враќа од РК Струга, која се распадна, за да ги почнат натпреварите во лигата. Доживуваме дебакл во Битола од Охрид, не можеме да победиме со РК Металург ама со втората екипа, и дефинитивно може оваа екипа да се запише како РК Пелистер 2. Потврда за ова е одењето или поточно Одисејата за Швајцарија, во првото коло на ЕХФ ( а не како што стои Челинџ купот), каде доживуваат дебакл од 23 гола разлика, ( на полувреме е 22:5). За ова ли беше платформата.

Чл. 3 

РК Еурофарм Работник да го промени своето име во РК Еурофарм Пелистер, клуб кој во оваа натпреварувачка сезона ќе ги има правата да се натпреварува во Лига на шампиони и СЕХА лига.

РК Еурофарм Пелистер во тековната сезона ќе настапува во плаво бели и бело плави дресови на кои ќе биде официјалниот грб на РК Пелистер. Од наредната сезона официјални дресови на клубот ќе бидат плаво белиот и зелено белиот дрес.

РК ПЕЛИСТЕР ќе го промени своето име во РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2, клуб кој ќе игра во македонската супер лига, Челинџ купот и ќе претставува база за развој на млади ракометари кои во овој клуб ќе стекнуваат искуство и ќе се спремаат да заиграат во РК Еурофарм Пелистер во наредните сезони.

    Дали ќе биде подобро новиот клуб да го носи името Еурофарм Пелистер или пак како што некој кажува поприфатливото решение Пелистер Еурофарм. Јас ќе прашам за истото што денес се случува во Македонија, што е поприфатливо за македонскиот народ, Северна Македонија или Македонија Северна, се надевам барем кај 90% од нив, најбитното е Република Македонија, исто како и за битолчани, тоа би било РК Пелистер сигурно не 2008, но едноставно Пелистер Битола. Еден град, еден клуб, само Битола, само Пелистер.

Вториот дел „зелено белата“ боја на клубот, никој не сака да каже кој и кога е променета и зошто. Спортското друштво Пелистер Битола, отсекогаш имало „зелено бели“ бои и тоа традиционално како и сите светски клубови препознатливи по боите на дресовите: Манчестер Јунајтед – црвена боја, Реал Мадрид – бела, Јувентус – црно бела, Партизан – црно бела, Динамо – сина и секој поголем и помал клуб ја имаат традиционално својата боја на дресовите. Во едни од најголемите успеси на РК Пелистер 1994 год., се променија дресовите на РК Пелистер во „сино бела“ боја, така да во спортската сала Младост навивачката група Чкембари, дел беа со зелено бели шалови и дресови од ФК Пелистер, а дел со плаво бели шалови и дресови од РК Пелистер (погледнете ги фотографиите). Со моето доаѓање на чело на РК Пелистер 1999 година, една од првите одлуки беше и ние, како РК Пелистер, да имаме зелено бели дресови, како и целото спортско друштво, се напечатија и шалови и дресови и знамиња, така да се сѐ сведе во нормала. Со доаѓањето на поголемите успеси, (финале во Џелинџ купот на ЕХФ), клубот најде сили да порача и направи химна на РК Пелистер (Миодраг Нечак), каде стои дека нашата боја е зелено бела. Толку за дресовите и бојата на дресовите.  Мислам дека е одговор на делот од платформата каде се бара бојата да е „сино бела“ 

Чл.4

РК ЕУРОФАРМ РАБОТНИК да купи по номинална вредност 75% од акциите кои општината ги има во РК ПЕЛИСТЕР, согласно позитивните законски прописи на РСМ, како резултат на што соодносот на акциите во РК ПЕЛИСТЕР да биде: 75% во сопственост на РК ЕУРОФАРМ РАБОТНИК И 25% во сопственост на Општина Битола;

Општината да купи по номинална вредност 25% од акциите (125 обични акции), кои акционерот Горан/Татјана/Силјан/Зоран Стерјев ги поседува во РК ЕУРОФАРМ РАБОТНИК, согласно позитивните законски прописи на РСМ, како резултат на што соодносот на акциите во РК ЕУРОФАРМ РАБОТНИК да биде: 75% во сопственост на постоечките акционери (Силјан Мицевски, Татјана Стерјева и Горан Петровски, Зоран) и 25% во сопствност на Општината.

Пред купувањето на акциите ќе биде постигнато сметководствено усогласување на двата клуба. РК ЕУРОФАРМ РАБОТНИК ќе купи 75% од сопственичкиот удел на општина Битола во РК ПЕЛИСТЕР само доколку при сметководственото усогласување се утврди дека РК ПЕЛИСТЕР не поседува долгови и обврски.   Доколку во иднина се појават други непријавени обврски на РК ПЕЛИСТЕР  кои се со датум од пред купување на акциите во РК Пелистер од страна на РК Еурофарм Работник и кои не биле предмет на сметководственото усогласување, подмирувањето на тие обврски (по сите основи) ќе го превземе Општина Битола.

РК Еурофарм Работник се обврзува дека нема да го згасне правниот идентитет на РК Пелистер. Доколку од објективни причини во иднина се наметне потреба клубот РК Пелистер да се даде во владение на друг сопственик, РК Еурофарм Работник е должен одлучувањето за новиот сопственик  да му го препушти на Советот на  Општина Битола. При евентуално превземање на РК Пелистер од друг сопственик, РК Еурофарм Работник има право само на материјален надоместок кој ќе биде идентичен со сумата на материјални средства кои РК Еурофарм Работник ќе ги вложи при купување на акциите на РК Пелистер. При таква ситуација сопствениците на РК Еурофарм Работник ќе ги откупат 25% од акциите во РК ЕУРОФАРМ РАБОТНИК кои ги поседува Општина Битола и ќе ја ослободат Општина Битола од сите понатамошни обврски кон РК ЕУРОФАРМ РАБОТНИК.

        Зошто пишувам Пелистер 2008, многу од луѓето не знаат дека по „преземањето“ на клубот во 2008 година, некој формално правно го поништи постоењето на РК Пелистер и регистрира нов клуб РК Пелистер 2008, кој како нов клуб требаше да почне да се натпреварува од најнискиот ранг на натпревари, т.е. од втората лига за да стигне во супер лига. Но како сето ова некој го заврши треба да се прашаат органите во РФМ, кои го дозволија тоа и беа дел од таа игра. Ова е за почеток и запознавање на пошироката јавност за што се работи во основа. Ова е за делот од платформата за почитување на традициите. Значи Општина Битола никогаш не се заинтересира кои долгови ги имаше клубот РК Пелистер пред да биде регистриран како РК Пелистер 2008, така да сега со овој договор таа се јавува како правен субјект да ги подмири тие долгови, или ова се работи само за новорегистрираниот клуб РК Пелистер 2008.

        Во овој член  се пропушта нешто круцијално. Се нагласува дека РК Еурофарм Работник се обврзува дека нема да го згасне правниот идентитет на РК Пелистер. Но што ако се случи обратното РК Еурофарм Работник да згасне како правен субјект во наредните пет години. Зошто во договорот ова никаде не е нагласено. Што ќе се случи тогаш а можно е да се предвиди таква ситуација (Самсоненко со РК Вардар како Европски шампион дојде на идеја да го ликвидира клубот, зошто не гледа профит), што со акциите на РК Пелистер, што со акциите на Општина Битола (граѓаните на Битола) во РК Еурофарм Работник, кој е гарантот дека тоа не може да се случи.

         Што ако утре се случи обратното да РК Еурофарм Работник најде нови побогати спонзори, дали и тогаш Општина Битола ќе ги задржува акциите во овој клуб, кој ќе побаруваат повеќе средства (да не заборавиме тоа се пари на граѓаните на Битола т.е. општествени пари, вложени во приватен клуб, а за тоа никој не ги прашал граѓаните дали се сложуваат нивните пари да бидат дел од оваа платформа и да завршат во приватни џепови, а не се работи за малку пари).  

Чл. 5

Договорните страни се согласни вкупниот годишен буџет на двата клуба да изнесува најмалку 60.000.000,00 денари (ракометната година ќе се смета од јули тековната до јули наредната година).

Општина Битола почнувајки од натпреварувачката сезона 2019/2020, во наредните 5 (пет) натпреварувачки сезони да обезбедува 15.000.000,00 денари по натпреварувачка сезона (доколку РК ЕУРОФАРМ РАБОТНИК игра во европски натпреварувања и СЕХА лига) за финансирање на двата клуба (општината при обезбедувањето на средствата ги има на располагање 25% од сите ресурси и можности на клубовите).

За првата година од договорот 2019/2020 година, во годишниот буџет ќе се земат во предвид сите средства кои ги вложиле двете страни поединечно во двата клубови од 01.07.2019 година и кои се однесуваат на обврски за екипите за сезоната 2019/20 година (плати на играчи и тренери за јули и август, опрема за тренинг и утакмици, припреми на екипата, патувања и други обврски прифатливи за двете страни). Средствата кои се потрошени за подмирување на стари долгови и не се однесуваат на реални потреби за сезоната 2019/20 нема да се врачунуваат во заедничкиот годишен буџет.

          Ете стигнуваме до суштината. Обврските на Општина Битола ќе бидат во висина од 250.000 Евра, ако на ова го додадеме ваучерот што оваа година го доби РК Пелистер од Агенцијата за млади и спорт, прашање дали го доби, од 100.000 Евра станува респектабилна сума од 350.000 Евра. Ве уверувам дека со овие пари многу лесно РК Пелистер може и ќе биде прв во натпреварување со Охрид, Бутел, Пролет, Радовиш, вторите екипи на Вардар и Металург, Струга, сигурно нивниот буџет не е ни приближен до овој. Сега ние стануваме за жал РК Работник 2, така да ништо од овие средства не е дефинирано каде ќе завршат.

Чл. 6

Во однос на управувачката структура, договорните страни се согласни, а имајќија во предвид сопственичката структура, општината во двата клуба да предложи по два свои претставници, во својство на неизвршни членови во одборите на директори, а останатите седум членови да бидат претставници на мнозинските акционери.

        Раководната структура ќе биде на оној кој има поголем удел во клубот и нормално е средствата да завршат таму а вториот клуб да добива трошки, некои ситни стипендии за играчите, или како сега каде повеќето играчи не добиваат ништо, соовие средства не ќе може да се прават прави играчи. За жал и да ги направиш, можат многу брзо да преминат во други поквалитетни и финансиски побогати клубови.

          По сето ова би сакал да ја запознаам битолската и македонската спортска јавност за еден успешен проект што претставуваше РК Пелистер, кога успеа да стигне и до едно европско финале, зошто тоа да не се обидеме повторно да го направиме.

         РК Пелистер кога беше превземен од нов управен одбор и кога успеавме да ја  освоиме првата титула 1999 година, клубот предходно беше на колена, слично на сегашната состојба, следуваше казна од ЕХФ (инцидентот во Скопје помеѓу женските екипи на  Кометал Ѓорче Петров – Хипо Банка, кога беше удрен претседателот и газдата на Хипо, Гунар Прокоп од еден навивач). Како казна се доби забрана на сите македонски екипи да учествуваат во натпреварите организирани од ЕХФ следната година. За жал ние како шампиони таа година бевме оневозможени да учествуваме во Лигата на шампионите. Пред да ја дознаеме казната, која беше Драконска и неправедна кон нас, ние веќе оформивме шампионски тим со Шандор Ходик на голот, го продолживме договорот со Кире Лазаров, останаа сите наши битолски домашни играчи, но по казната беше неприродно некого да чуваш за да игра со Радовиш, Неготино нека ми простат наведените екипи, ова е без навреди. Поради тоа ги ослободивме од обврските поголемиот број поквалитетни  играчи.

    Дојдовме во ситуација да почнеме од почеток, беше тешко, но се ангажираа сите погони, од пионерски, јуниорски, младински, се пријави екипа во втората лига на Македонија, се побараа низ Македонија сите квалитетни млади играчи и почна подемот. Тие млади играчи кои сега скоро ја завршија кариерата а некои уште се натпреваруваат, со години беа скелетот на ракометната репрезентација на Македонија. Тоа се : Наумче Мојсовски, Влатко Митков, Ацо Јоновски, Петар Ангелов, Гоце Макаловски, Владимир Темелков, Ристе Калајџиевски, Игор Тосковски кои заедно со нашите Кире Поповски, Игор Николовски – Ќани, Златко Димитровски, Звонко Шундовски кој потоа стана тренер на РК Пелистер и освои куп и првенство со РК Пелистер, стана селектор на оваа репрезентација и го постигна најголемиот успех во историјата на македонскиот ракомет  и уште многу години ќе биде еден од најдобрите тренери во Македонија. Оваа млада екипа стигна до едно европско финале во Челинџ купот, успех ненадминат се до последните успеси на РК Вардар. Зошто потсеќам на ова, можеби и сега е дојден денот РК Пелистер да ги засука ракавите да најде добри и упорни тренери, ги имаше во Кире Поповски, Игор Николовски, Александар Зарков, Стефче Стефановски, Абдула Јусуфовски и последно Стевче Алушовски, кого без потреба сегашниот управен одбор го испуштија од клубот и секако не да го заборавам, но во континуитет еден од најдобрите тренери со голманите во Македонија Зоран Атанасовски – Џинкс. Ова го напишав да ја потсетам битолската јавност дека РК Пелистер од секогаш имала школа од која излегувале безброј квалитетни играчи, значи нема да измислиме топла вода, туку само да продолжиме со работа и создавање на нови играчи. За среќа и последните играчи се изданок повторно од оваа школа, како што се Кузмановски и Дрогришки, а ќе ги има уште, но сега треба многу поголем труд и работа.

    Прекретница е ова, ако се фузираат двата клуба не знам што нуди РК Пелистер во таа фузија, дали се тоа квалитетни играчи- сигурно не, спортска сала – истата е и за двете екипи, имот на клубот – РК Пелистер нема ништо, нема ни дресови, навивачи – со неуспесите се сѐ растура, мислам од ова нема ништо, пак ќе остане како што е, со таа разлика што сега РК Пелистер ќе биде вториот тим во играта, како што во лигата се младинските екипи на РК Вардар и РК Металург. Ако е тоа целта тогаш е во ред. Навивачката група расте или ја нема заедно со успесите на клубот, доколку сега младинската екипа на РК Металург го победуваше Пелистер во Битола а исто и РК Охрид и другите екипи, како ќе биде сега, или пак Пелистер е во аут, а ние сите ќе „навиваме“ за Еурофарм мислејќи дека е Пелистер.

      Добро е што општината размислува на овој начин, но не знам кој го принудува газдата на РК Еурофарм Работник да влезе во една ваква најмалку кажано валкана игра, затоа што тој можеше да го купи клубот и пред  5 или 10 години, или кога му беше понуден пред 15 години, но за жал тоа не се случи. Зошто сега кога постигнува големи резултати и нема никаква потреба од РК Пелистер некој му го наметнува тоа како решение. Дали со ова некој сака да ја прикрие постоечката состојба и не сака да даде отчет за потрошените финансиски средства дадени од Општина Битола на РК Пелистер, колку се тие и како и за што се потрошени.

       Значи со овој потег во моментот сме далеку од РК Вардар, нашиот најголем конкурент, тимот кој многу пати сме го победувале, но во овој момент со успесите што ги постигна направија да бидат многу пред нас и не знам дали некогаш ќе се доближиме, иако секогаш сум ги доживувал како спортски и секакви противници, против кои секоја победа и во ракометот и во фудбалот ми била најслатка. Останува голема работа некогаш тоа да се постигне или дај Боже да се престигне.

Дали е сето ова природно, апсолутно не е. Дали  РК Еурофарм Работник ќе добие навивачи сигурно НЕ, кога се постигнуваа најголемите успеси и се играше финалето на Џелинџ купот, некои од „навивачите“ од „револт“ ги искршија просториите на клубот. Се прашувате зошто? До ден денес одговор нема. Толку и за тоа.

       Спортската сала Боро Чурлевски ќе треба да ги задоволи минималните услови за одржување натпрвари од Лигата на шампиони и СЕХА лигата. Ние се уште се занимаваме со фризерај на салата, многу скоро ќе дојдат новите побарувања од ЕХФ за комплетна адаптација но дали има план и средства за тоа. Во минатото таа беше гордост на цела Македонија, и по својата големина, но најповеќе по врвниот ракомет што се играша во неа, а Скопје тогаш ги имаше двете сали, Кале каде имаше можност за половина од гледачите што беа во Битола и една маалска сала во Расадник каде најчесто играше Вардар. Но сега Скопје има две прекрасни нови сали „Борис Трајковски“ и велелепната „Јане Сандански“ во Аеродром, а ние уште со нашата сала изградена од местен самодопринос на граѓаните на Битола, уште со минимални услови за одигрување на натпревари и за жал без никаква иницијатива за една нова велелепна сала која Битола ја заслужува. Ова треба да е предизвик за Општина Битола, сѐ друго е крпачка работа, како и досега. За ова во договорот ништо.

    Останувам на тоа, Само еден клуб, само еден град, само Пелистер, само Битола. И покрај тоа што во период од 5-6 години (период 2003-2008 год.), кога Пелистер беше финансиски во голема криза, не се најде ни еден стопанственик од Битола да се ангажира и поможи за поголеми успеси на клубот, да го почуствува пулсот на таа млада екипа, екипа спремна и за најголеми достигнувања. За жал тие станаа главни играчи на нашите најголеми конкуренти кои со леснотија почнаа да не победуваат, а градот и стопанствениците не го почуствуваа моментот исто како и сега за жал.

Да не ги заборавам само Г-дата Трифун Костовски ( кој никогаш не бил газда на РК Пелистер, како што пишува некој по порталите, но спонзор на клубот 2004/05 год.) и Минчо Јорданов кои помогнаа повеќе од колку цела Битола заедно, за жал.

Овие 350.000 евра се релативно голема сума, за ваша информација, тогашниот градоначалник на Битола 2002 година, не не удостои и со прием за да се заблагодари на ракометарите кои го пренесоа името на Пелистер и Битола низ цела Европа, а не пак да одвои средства за клубот. Има уште многу да се пишува, но ова е само еден сегмент од она низ што поминувам сите овие години, за да некој од петни жили се труди сѐ да се избриши и заборави. За Ваша голема жал (на сите што го правите тоа), но што и да правите, мене не можете да ме избришете од историјата на РК Пелистер, како еден од поуспешните претседатели на РК Пелистер. Моето срце секогаш ќе чука за Пелистер и верните искрени навивачи на клубот.

Битола, 09.10.2019 год.                                                             Секогаш Ваш

                                                                                                     Спиро Мавровски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *