Со гала оперски концерт започна „Интерфест Битола 2019“

Интернационалниот фестивал на класична музика „Интерфест Битола 2019“ почна со гала оперски концерт на солисти и оркестарот на Националната опера и балет, и под диригентство на Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ.

Свеченото отворање на 28. издание на „Интерфест“ се одржа на 2 октомври во 20 часот на сцената на битолскиот театар. Според програмата, до 11 октомври на фестивалските сцени во битолскиот Музеј, Центар за култура и Народен театар-Битола, ќе настапат уметници од Италија, Франција, Полска и Македонија.

Годинава од Италија гостуваат дуо хармоника и пијано Џанкрало Калабриа и Симоне Пагани, дуо гитара и пијано Лапо Ванучи и Лука Ториџиани, како и италијанското барокно трио „Стара музика“ со кои ќе заврши фестивалот.

Во Битола концерти ќе приредат и дуо Фортчело од Франција, дуо пијано и флејта Тереза Кабан и Хенри Блажеј од Полска, како и македонските уметници Томе Костовски-пијано, Валентин Наумов – виолина и Верица Дивитарова-пијано.

Интернационалниот фестивал на класична музика „Интерфест“ се одржува од 1992 година, а иницијатори и основачи се Милица Шперовиќ Рибарски и Кирил Рибарски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *