РЕК Битола негира дека има двојно зголемување на загаденоста на воздухот, мерењата биле за различни периоди

АД ЕСМ и Подружница РЕК Битола реагираат во врска со Извештајот на мрежата Бенквоч за двојно повисоката загаденост на воздухот од работењето на термоцентралата и објаснуваат дека разликата во податоците од мерењата на емисиите меѓу 2018 и 2019 година, е резултат на повеќе фактори.

„Најпрвин, мерењето на емисиите не се одвива континуирано, туку периодично. Согласно обврските од Дозволата за усогласување со Оперативниот план за заштита на животната средина, АД ЕСМ и Подружница РЕК Битола, се во постапка за набавка на опрема за континуирано следење на емисиите и се очекува таа да биде инсталирана до септември годинава. Напоменуваме дека обврските за заштита на животната средина ги презеде актуелното раковдство на АД ЕСМ и РЕК Битола, иако постапката беше започната уште во 2007 година. Имаме искрена намера обврските за заштита на животната средина да ги ставиме во институционална рамка и новиот и ревидиран Оперативен план го подготвивме во декември 2019 година. Но, АД ЕСМ и РЕК Битола не се сами во постапката. Свој придонес мора да дадат сите, вклучувајќи го и Министерството за животна средина“, соопштија од АД ЕСМ и РЕК Битола.

Оттаму додаваат дека податоците на мерните станици во Битола, во континуитет покажуваат концентрации на SO₂ стотина пати пониски од пропишаниот праг. Врз количеството на емисиите влијае бројот на работни часови на РЕК Битола, а во 2019 година трите блока на РЕК Битола работеле речиси секојдневно во текот на 12 месеци.

„Зголеменото производство на електрична струја подразбира и зголемени емисии. Во 2018 година се вршело мерење во делот од месеците кога термоелектраната Битола работела, а во 2019 година емисијата се мерела речиси без исклучок, секој месец. Реалните податоци подразбираат волја на менаџерскиот тим отворено да ги согледаат проблемите и да најдат решенија. Не станува збор за „дуплирање” на емисиите, туку за промена на начинот на нивното мерење, како и динамиката на работење на Термоелектраната Битола“, стои во нивното соопштение, во кое се додава дека ги поздравуваат напорите на сите организации и поединци во справувањето со еден од најгорливите проблеми, загадувањето на животна средина. Притоа, додаваат дека нивниот однос кон овој проблем во изминатите три години бил отворен, инклузивен, искрен и транспарентен, а на тие квалитети, непознати во минатото, се должат и податоците објавени во Извештајот на мрежата Бенквоч.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *