Белите мантили излегоа на протест, бараат да престанат насилствата врз нив

Медицинските работници, во организација на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, денеска излезегоа на протест во Клиничкиот Центар по повод серијата напади кои се случија изминатиот период врз медицинските работници од страна на пациенти и нивни роднини.

Тие велат дека ова ќе биде последен протест како предупредување до надлежните институции да го решат овој системски проблем во здравството.

Ненад Лазаров од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари потенцираше дека се оградуваат од секакви политички елити. Тој вели дека насилството врз лекарите мора да престане веднаш.

-Собрани сме да кажеме доста е. Ова ќе биде наш последен револт, повеќе не смее да дозволиме да бидат напаѓани здравствените работници. Долги години тенденциите и негативната кампања се одразуваат врз медицинските работници, а целта е да се стават во сенка лошите одлуки на раководните лица во системот. Време е да се преземат мерки за подобри услови на работниците и пациентите. Ќе престанеме да работиме сѐ додека овие прашања не бидат решени – истакна Лазаров.

Според лекарите, овие проблеми не смеат да се решаваат зад затворени врати туку само со отворена дебата. Тие на протестот наведоа пет барања кои во најбрз можен рок мора да бидат решени.

Станува збор за донесување на закон за докторска дејност, итно спроведување и законско изедначување на напад врз медицинско лице со напад врз полициско лице. Полициско обезбедување на сите здравствени установи, особено во ургентните центри. Вклучување на младите лекари во носењето на сите здравствени политики. Задолжително организирање на некаков внатрешен систем на контрола на медицинските работници.

Медицинските работници истакнаа дека после овој протест ќе остават малку време за надлежните да ги решат проблемите и да ги прифатат овие пет барања. Доколку, како што велат, утврдат дека нема никаква желба за решавање на проблемите, ќе престанат со работа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *