Дали Бугарија од голем поддржувач на македонската евроинтеграција ќе се претвори во нејзин нов кочничар?

Неделава се очекува Европската комисија да ја објави преговарачката рамка за членство на Македонија во ЕУ. Главниот прашалник е дали Бугарија во овој документ ќе ги вметне и своите барања во однос на македонскиот јазик, македонското малцинство во таа земја и брзото решавање на сите отворени историски прашања. Од Скопје доаѓаат оптимистички изјави дека Бугарија нема да го стори тоа, а од Софија пак постојано велат дека тоа е константа во бугарската надворешна политика.

Во март бугарската влада ја поднесе Изјавата како прилог на заклучоците на Советот на ЕУ за членството на Македонија во ЕУ одржан во март, која се фокусира на општите услови, условите за првата меѓувладина конференција и поглавјето 35. Овој документ предизвика сериозни дискусии за тоа дали Бугарија од голем поддржувач на евроинтеграцијата на Македонија ќе се претвори во нов кочничар на таа евроинтеграција.

Поединечните забелешки на земјите-членки за преговарачката рамка нема да може да ја сменат препораката за добивање датум за преговори за Македонија. Но секоја таква забелешка, во случајов на Бугарија, всушност значи услов за почеток на преговорите на ЕУ со Македонија.

Официјални претставници на Бугарија досега неколку пати повторија дека ако нивните забелешки не станат дел од преговарачките рамки за Македонија и Албанија, Софија нема да ја прифати таа рамка.

Ова всушност значи дека Македонија ќе добие дополнителни наметнати обврски, надвор од базичните предуслови и принципи на интеграцијата во ЕУ. Слично како што беше со Грција.

Пристапните процеси за Македонија

Според инструментите на ЕУ, Бугарија има право на вето уште на првата меѓувладина конференција. Во новата методологија за проширување, иако ги повикува сите страни да се „воздржат од злоупотреба на нерешените прашања во текот на процесот на пристапување во ЕУ”, тоа право на вето не е избришано.

Во Изјавата бугарската влада всушност бара едно пошироко толкување на Договорот за добрососедство и пријателство меѓу Македонија и Бугарија. Голем дел од бугарските барања всушност се врзани со работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања формирана согласно со Договорот за пријателство.

Бугарија има поинакво разбирање за тоа што значи „споделена/заедничка историја”. Бугарија бара Македонија да се согласи дека македонската нација била создадена во 1944 година и дека пред тоа Македонија и Бугарија имале „заедничка историја”. Се разбира, за Македонија ова е сосема неприфатливо и погрешно толкување на историјата. За Бугарија спорни се и воените злосторства сторени од бугарските окупаторски сили на македонска територија за време на Втората светска војна.

Се бара и бришење на правото за какво било помисла или дискусија на македонски претставници по меѓународните организации за постоење на македонско малцинство во Бугарија.

Во Изјавата Бугарија бара во ЕУ да се користи единствено целото име на земјата „Република Северна Македонија”, но не и кратката форма „Северна Македонија”, предвидена во Преспанскиот договор, бидејќи дел од географскиот регион Северна Македонија „потпаѓа во рамките на суверената територија на Република Бугарија”.

Во „јазичната клаузула” Бугарија бара билатералните договори меѓу Софија и Скопје да се применуваат и во ЕУ – па секаде да стои „официјалниот јазик на Република Северна Македонија”, вклучително и во идната преговарачка рамка, бидејќи Бугарија не го признава македонскиот јазик.

Се бара и гаранција дека во Албанија исто така нема македонско малцинство, туку само бугарско.

Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, неодамна изјави дека „доколку цената што треба да ја платиме е да кажеме дека не сме Македонци и дека јазикот што го зборувам не е македонски, тогаш не ни треба ЕУ”.

И покрај оваа изјава на Пендаровски, македонските владини претставници даваат оптимистички изјави дека до дефинирањето на преговарачката рамка компромисот ќе биде постигнат.

Сепак, од досегашното искуство за процедурите во ЕУ, тој компромис всушност може да значи само пролонгирање на отворените прашања, односно привремено ставање на проблемот под тепих.

Меѓувладината конференција можеби и ќе се одржи онака како што е планирано, по 1 јули, кога Хрватска ќе ѝ го предаде претседателството на Германија. Тоа значи дека сѐ од Изјавата на бугарската влада ќе се концентрира во поглавјето 35. Исто како што и интеграцијата на Србија е условена со решавањето на прашањето за Косово, во поглавјето 35.

Освен тоа, новите инструменти за проширувањето на ЕУ, според новата методологија, се реверзибилитет (дека ако некоја членка смета дека нема напредокот во спроведувањето на поглавјата, има право преговарачкиот процес да го врати на почеток) и создавање кластери (групирање на повеќе поглавја и нивно решавање).

Од бугарската влада може да се очекува дека ќе прибегне кон користење на овие два инструменти во оној момент кога нејзините барања нема да бидат исполнети. А дотогаш би глумеле сериозни поддржувачи на Македонија на патот кон ЕУ.

Рамка

До крајот на неделава се очекува на земјава да ѝ биде доставен првиот нацрт на преговарачката рамка, кој ќе им биде доставен на земјите-членки на разгледување во рамките на телата на Советот на ЕУ.

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, се надева дека овој предлог ќе биде неутрален, по однос на позициите на различните членки, и повеќе ќе се заснова на принципите на функционирање на ЕУ. „Очекувам дека откако ќе се објави, секоја земја, вклучувајќи ја и Бугарија, ќе се обиде да ја наметне својата национална позиција. Но се координираме, ние си ги утврдивме нашите државни позиции за тоа што би сакале и која е најдобрата верзија. Како држава кандидат не сме во позиција да влијаеме на преговарачката рамка, но ќе лобираме и ќе работиме“, рече Османи.

Од Институтот за европска политика проценуваат дека единствен резултат на притисокот ќе биде одложување на пристапниот процес за Македонија. Цената на одложувањето може да не се перципира како висока за ЕУ, ако се има предвид дека проширувањето сега за неа не е приоритет, барем не за сите земји членки, сметаат од Институтот.

„Во секој случај, не само што ќе се доведе во прашање пристапниот процес за Северна Македонија, туку ќе се доведе во прашање и надворешната политика на ЕУ кон регионот. Без разлика дали во рамките на процесот на проширување или надвор од него, билатералните спорови постојат и, со погрешен пристап, ќе се зголемуваат, што ќе има натамошни негативни последици за стабилноста на регионот, кој останува во Европа.

Иако преговарачката рамка претставува документ на ЕУ и Северна Македонија нема свој глас во нејзиното усвојување, можното влијание на притисокот врз Северна Македонија да го прифати бугарското толкување на Договорот за пријателство МК-БГ ќе биде контрапродуктивно за стабилноста на земјата и на регионот, поради што ќе биде и против интересите на ЕУ…

Бугарија реши да ја искористи својата новостекната позиција како земја членка на ЕУ за принуда и за наметнување на нејзиното сопствено толкување на Договорот како основа за поддржување на нејзините национални интереси односно на актуелната перцепција на нејзините национални интереси. Таквото толкување и можна примена на принципот на добрососедство се спротивни на меѓународното право – Повелбата на ОН, која ги заснова пријателските односи помеѓу нациите врз принципите на еднакви права и на самоопределување и Декларацијата за принципите на меѓународното право за пријателски односи и соработка помеѓу земјите согласно Повелбата на ОН, која ги определува принципите за добрососедство…

Сепак, доколку Бугарија инсистира на условите што се поставени за првата и втората меѓувладина конференција, последицата ќе биде блокирање на почетокот на суштинските преговори. Во пристапните преговори досега, на првата меѓувладина конференција се претставуваше преговарачката рамка, додека втората меѓувладина конференција беше суштинскиот почеток на преговорите и отворање на поглавјата…

Прашањата поврзани со македонскиот идентитет, јазикот и името на земјата не треба повторно да се покренуваат. Преговарачката рамка треба изрично да реферира на македонскиот јазик и да го користи краткото име на земјата – Северна Македонија – како во случајот со Србија и Црна Гора…

Евентуалниот притисок на ЕУ врз македонската страна за ‘брз компромис’ нема да доведе до резултати, бидејќи просторот за понатамошни отстапки што се однесуваат на националниот идентитет е значително намален – всушност тој не постои, и покрај тоа што во прашање е членството во ЕУ“, се вели во анализата на Институтот за европска политика.

Мкд.мк

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *