УМС на ВМРО-ДПМНЕ од Битола го одбележа Денот на независноста – 8 септември

На вчерашниот свечен настан “Изгреј зоро на слободата” во организација на Унијата на млади сили ОК Битола, по повод денот на независноста на Република Македонија претседателот на УМС за Битола, Марко Јосифовски, се обрати до присутните со следната порака :

„Беззаветна и безгранична љубов кон Македонија, постојано мислење и работење за интересите на Македонија и полн конзервативизам во пројавите на македонскиот национален дух: јазикот, народната поезија, наравите, обичаите – ете ги главните црти на македонскиот национализам. Рекол Крсте Петков Мисирков уште пред повеќе од 100 години, а истото тоа и денес ни е повеќе од потребно. Добра вечер браќа и сестри. Почитувани ветерани на ВМРО-ДПМНЕ, најпрво сакам да ви го честитам овој празник токму на вас. Вие кои во многу тешки моменти, под тешки услови скоро и незамисливи за денес, успеавте да ја разгорите идеата на ВМРО за Република Македонија која тлееше од воспоставувањето на комунистичкиот режим до девеесетите години на минатиот век. Честит празник и поклон за вашето дело. Почитувани членови на Унијата на млади сили, сакам да ви го честитам и на вас овој празник. Овој празник да ви биде како еден зрак месечева светлина во најтемна ноќ и водилка кога ќе го изгубите вистинскиот пат. А јас сакам да ветам пред сите вас, дека во едни подобри времиња, на денешен ден “Изгреј зора на слободата” и “Денес над Македонија се раѓа” ќе ги пееме на преполна Магнолија со развиорени македонски знамиња. Честит празник младино и секогаш гордо да го носиме товарот на Македонија, за потоа со сласт да ги ползаме нејзините бесконечни плодови. Честит празник и на Унијата на жени и на сите други останати наши браќа и сестри. Овој ден за мене е исполнување на вековниот стремеж на Македонскиот народ за сопствена држава, која ќе се разликува од другите народни држави, пред се културно, а потоа и по се друго. Овој ден за мене е најскапиот ден во годината, бидејќи овој ден е платен со многу младешки животи, младешка крв, младешки идеи, човечки иднини и многу судбини на вдовици и сираци. Во толку скап ден вреди да се ужива тука меѓу истомисленици, заљубеници во делата на нашите идеолошки татковци, заљубеници во идејата на ВМРО за Република Македонија. Да си го прославиме денот на независноста, сите заедно, братски, ВМРОвски, како што не личи… И дај боже што поскоро да дојде денот кога Македонија ќе си ја ослободиме од овој сегашен тиран !!!

Да ни е за многу години празникот и вечно да живее Република Македонија. “

Со поздравен говор се обрати и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ , Игор Јанушев. Следи неговото обраќање: “Не можам, а да не споменам дека во тој процес на борба за слобода сите дадоа по нешто, но некои дадоа се. 8 Септември е круната на борбата за слобода на Македонскиот народ, една епопеја испреплетена со многу порази и победи, со многу пркост и Македонска коравост. За жал, и со крв и страдања, но не само борба со пушка, туку и со ум, мисла и перо. 8 Сепември е празник на секој слободномислечки Македонец, на секој комита кој учествувал во организираното народно ослободително движење, чиј столб е организацијата создадена да биде слуга на каузата за Македонија, организацијата чии букви предизвикуваат почит, но и немир во душата на секој Македонец, немир поради почитта кон делото кој таа го остави зад себе, а тоа е В.М.Р.О. 8 Септември е и на наследниците на илинденците – партизаните, 8 Септември е празникот на секој Македонец. Денес се соочуваме со една поинаква битка, никако помалку важна од сите битки претходно. Залудна ќе беше секоја победа од минатото доколку не го оправдаме долгот и заветот од претходните генерации да ја сочуваме Македонија. А каква е нашата земја денес? Поделена, криминализирана, распарчена … нема вредности, нема принципи, само горко чуство на омраза, реваншизам, прогони. Ќе речат дека блескаме, но во Македонија власта ако може и сонцето ќе го помрачи. Имаме влада која води кампања за одбележување на денот на независноста без да го спомене името на државата од која земаат плата. Затоа што името Македонија ги потсетува на срамот кој го направија со промената на името. А, дозволете да потсетам дека овој ден “8 Септември”, кој гордо го прославуваме, беше прогласена независноста на Република Македонија, не северна, не горна или било каква друга, туку независна Република Македонија! И колку и да се трудат така вештачки да го подметнуваат тоа ново име, со искривени насмевки да се корегираат секогаш кога во изјави ќе им се испушти Македонија, да гребат сонциња каде и да сретнат, важно е едно, што чуствуваат срцата на нашиот народ. А, тие кажуваат само едно нешто – Македонија. Власта паѓа, а криминално-рекетарската банда на власт е во паника поради тоа. И не им е криво затоа што народот не ги сака, туку затоа што мораат потоа да се соочат со правдата. И тоа го знаат, и мора да го знаат зошто правда мора да има. Она на што најсериозно работат, за разлика од се друго, е операцијата за бришење на трагите на криминалот на власта, паралелно со спроведување на жесток политички притисок врз опозицијата. Паролата – нема правда, нема мир им се удира од глава зошто тие станаа најсилните креатори на неправдата. И тука, во тие кршења на законите и процедурите се најтранспаренти. Па, така, побрзаа паралелно со преговорите кои се водат за новиот закон за обвинителство, на шверцерски начин да ги префрлат предметите од Катица на Рускоска. Тоа е како да ги префрлат предметите од Илинденска на Бихачка. Исти газда, само различна адреса. И додека гледаме разно разни планови на власта … б, ц, д … за тоа како да избегнат правда и да донесат некаков „зомби“ закон кој ќе им овозможи злоупотреби на правдата, јас ќе им го кажам најлесниот и најсигурниот план А. Седнете и прифатете го она што го нудиме како предлог со кој се гарантира независно и професионално обвинителство. И овој план А не завршува тука, откако ќе го прифатите сето ова, мора да прифатите и соочување со народот на предвремени парламентарни избори на кој ќе доживеете жесток пораз од народот. Заев и СДСМ ќе биде поразени за Македонија да победи. Избори на кој народот ќе ги казни за сите злодела кон нашата земја, за сите промашувања и пропуштени шанси. Ајде Заев ако водиш на лажните анкети, ако толку блескаме како што тврдиш, ајде на избори да се соочиш со народот. Бегањето од избори е бегање од сопствениот народ. А ние – ВМРО-ДПМНЕ, ќе покажеме како со многу работа, труд и постојаност, со промени кои ќе бидат желба и барање на народот, со многу енергија и посветеност ќе направиме обнова на Македонија. Поучени од сите грешки во минатото, но и охрабрени дека мора да се слуша гласот на секој еден ќе се избориме за иднина. Македонија е жива и ќе биде вечна!

Да сте живи и здрави! Да живее ВМРО-ДПМНЕ! Да живее Македонија!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *