Македонската репрезентација се враќа со бод од Израел; Македонија – Израел 1:1

Македонската фудбалска репрезентација одигра 1:1 со Израел на гостувањето во Бер Шева во меч во кој можеше да се врати дома и со полн плен.

Со второто реми во пет меча, Македонија е на четвртото место на табелата во групата Г со 5 поени (колку што има и Словенија со меч помалку), додека Израелците пропуштија шанса да се доближат до убедливите лидери Полска и остануваат втори со осум поени. Следен предизвик за Македонија е гостувањето кај аутсајдерот Летонија веќе в понеделник.

Во првото полувреме, Израел во поголем дел ја имаше топката во своите нозе, но без многу изгледни шанси, иако во 24. минута ја сместија топката во мрежата на Димитриевски, но голот беше поништен поради играње со рака.

Нашата репрезентација имаше неколку убави шанси – Енис Барди во 27. минута шутираше од далеку, но израелскиот голман добро реагираше, а неколку минути подоцна Алиоски имаше одлична соло-шанса, а во финишот на полувремето и Несторовски имаше одлична шанса, но лошо одигра.

Казната стигна во 55. минута, кога по лошата реакција на нашата одбрана, Соломон лесно го најде најдобриот израелски напаѓач во квалификациите, Еран Захави, кој лесно со глава го совлада Димитриевски.

Сепак, само девет минути подоцна, Езѓан Алиоски се „искупи“ за грешката која ја направи при постигнувањето на израелскиот гол, откако упати фантастична топка до Аријан Адеми, кој израмни на 1:1.

Селекторот Ангеловски во последната третина од мечот внесе и „свежа крв“ во нападот, кога влегоа Горан Пандев и Александар Трајковски, меѓутоа најизгледната шанса ја имаа Израелците повторно преку Захави во 80. минута.

ЕВРО 2020, КВАЛИФИКАЦИИ

ГРУПА Г

Израел – Македонија 1:1

Табела: 1.Полска 12, 2.Израел 8, 3.Австрија 6, 4.Македонија 5, 5.Словенија 5, 6.Летонија 0

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *