Италија од 3 јуни го отвора границите

Владата на Италија потпиша декрет со кој од 3 јуни ќе се овозможи влез и излез од земјата, како дел од олеснувањето на мерките по карантинот кој од март до 4 мај беше на сила на територијата на целата држава.

Овој потег означува голем чекор напред во напорите на земјата да ја отвори својата економија по повеќе од два месеци целосна изолација.

Италија е на врвот на листата на земји во светот по бројот на смртни случаи од ковид-19, но стапката на заразени нагло падна во последните неколку дена.

Повеќе од 31.610 луѓе досега починаа како последица од новиот вирус, што е трета земја по смртни случаи веднаш зад САД и Велика Британија.

За споредба, на 27 март Италија пријави 900 смртни случаи во еден ден, додека вчера властите соопштија дека имало 262 починати.

Италија беше првата земја во Европа што воведе ограничувања на национално ниво кога во февруари бројот на случаите на заразени со коронавирус нагло се зголеми во северните региони.

Но, од 4 мај започнаа да се применуваат порелаксирани мерки, со тоа што се отворија фабриките и парковите.

Најновата уредба што ја потпиша премиерот Џузепе Конте е објавена денеска.

Некои италијански региони побараа побрзо олеснување на ограничувањата, но премиерот Конте рече дека тоа ќе се случува постепено за да се избегне втор бран зараза.

За 18 мај е најавено отворање на продавниците и рестораните, со задолжително физичко растојание.

За истиот ден се најавува и враѓање на мисите во католичките цркви, но со строго одржување социјална дистанца и носење маски. Верски служби ќе бидат дозволени и за припадниците на другите религии.

На почетокот на оваа недела, владата одобри пакет стимулативен мерки од 55 милијарди евра за компензирање на негативниот економски ефект на пандемијата врз стопанството и семејствата.

И други земји во Европа објавија намалување на бројот на смртни случаи, поради што започнаа со олеснување на мерките, како Португалија, Шпанија и Грција.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *