Новата училишна година почна со неизвесности

Чуден почетокот на новата школската година. Во Скопје во едни училишта се одвиваше штрајкот организиран од Синдикатот за образование и наука, а во други имаше само прием на првачињата, но без наставна програма. Работниците во образованието бараат повисоки плати за 25 проценти додека од Министерството за образование велат дека платите се покачени за 10 отсто од август лани во кои се вклучени и сегашните пет проценти.

Ако се изземе звукот на училишното ѕвонче и присуството на првачињата во училишната зграда сè друго на почетокот на оваа училишна година е неизвесно. Наставата почна различно. Во Скопје едни училишта штрајкуваа и децата не дојдоа на училиште. Во некои други училиштата се примаа само првачињата без да им се организира наставата, а во дел од училиштата се одржуваше редовна настава.

Меѓу наставниците и учениците

Наде Молеровиќ е директорка во основното училиште Гоце Делчев во скопската општина Центар, каде што денеска имаше само прием на првачињата за да се запознаат со училишната зграда.

Таа вели дека ги поддржува барањата за повисоки плати на просветните работници, но нагласува дека треба да се имаат предвид и емоциите на децата и впечатокот кои тие треба да го понесат од првата средба со образовниот систем.

„Вистина е дека наставничката професија е крајно деградирана и од општеството и јавноста и треба да има повисоки плати, но треба да ги имаме во предвид и емоциите на децата“, вели Молеровиќ.

Како и да е, школската година почна онака како што заврши во јуни со незадоволство од ниските плати во образованието, кое е долгогодишен проблем и задоволството на Министерството за образование и наука дека е силно ангажирано да го подобрат статусот на наставниците. Од Министерството наведуваат дека од август 2018 до овој септември платите на наставниците се зголемени за повеќе од 10 отсто.

Што велат родителите?

Во очи на првиот училиштен ден и родителите кои денеска дојдоа со своите деца барањето за повисоки плати го нарекоа оправдано, но беа незадоволни што на првиот училиштен ден децата нема да имаат настава, како што е тоа традиција со години наназад.

„За овој ден мојата внука со месеци се подготвуваше. Ми е жал што таа не го доживеа овој ден како и нејзината мајка која учеше во истово училиште. Што се однесува до професорите, тие одамна го бараат тоа и државата треба да се потруди да ги награди. Тоа што моите деца се успешни во нивните професии заслужни се професорите“, вели Маја Шандуловска, која со внуката беше дојдена во училишниот двор.

Залагање на Синдикатот

Неуспешната синдикална борба на просветните работници трае со години без видливи резултати по прашањето на платите и нивниот статус.

Иако денеска во некои училишта имаше настава, а во други се штрајкуваше според претседателот на Синдикатот за образование и наука, Јаким Неделков, тие денеска успеале во битката.

„Целта ни беше да го свртиме вниманието за проблемите што ги имаме во образованието. Оставаме простор на социјалниот дијалог и за отприлика еден месец ќе се знае поточно кои ќе бидат следните чекори кои ќе ги преземаме“, вели Неделков.

Проблемите во образованието се наталожени. Од Синдикатот посочуваат дека има и други прашања кои тековно треба да се решаваат како што се педагошката евиденција и администрација, наставните програми и планови, како и законските решенија за основното образование и за средно образование.

Но, просветните работници успеаја да им приредат и убави доживувања на првачињата на првиот училиштен ден. Во некои училишта тие имаа можност за прва заедничка средба пред училишната загради како и да се сликаат со бистата на македонскиот револуционер и учител Гоце Делчев во училиштето кое го носи неговото име.

Дел од нив, си заминаа со неизвесност и прашања дали натаму во оваа училишна година, пак, ќе се соочат со затворени врати доколку Синдикатот и Владата не се договорат во рок од еден месец.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми, од своја страна, денеска изјави дека не знае во колку училишта се штрајкува, но оти во добар дел новата учебна година почна нормално и, како што рече, нема причина за штрајк, бидејќи Владата работи на подобрување на статусот на наставниците.

Извор : https://www.slobodnaevropa.mk/

https://www.slobodnaevropa.mk/a/%d0%bd%d0%be%d0%b2%d0%b0%d1%82%d0%b0-%d1%83%d1%87%d0%b8%d0%bb%d0%b8%d1%88%d0%bd%d0%b0-%d0%b3%d0%be%d0%b4%d0%b8%d0%bd%d0%b0-%d0%bf%d0%be%d1%87%d0%bd%d0%b0-%d1%81%d0%be-%d0%bd%d0%b5%d0%b8%d0%b7%d0%b2%d0%b5%d1%81%d0%bd%d0%be%d1%81%d1%82%d0%b8-/30142199.html

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *