Колку деца би пошле во градинка по нивното отворање? Еве што покажаа анкетите во градинките

Според добиените одговори, 22 проценти од вкупно запишаните деца имаат потреба веднаш да почнат да одат во градинка, додека 45 проценти од вкупно запишаните деца имаат потреба да почнат да одат во градинка откако ќе се укине мерката за платено отсуство на еден од родителите на дете до 10-годишна возраст

Државните детски градинки неодамна направија анкета помеѓу родителите за тоа дали нивните деца имаат потреба за брзо време да појдат во градинките. Родителите одговараа на 2 прашања: „Дали вашето дете има потреба веднаш да започне во градинка во нашата група?“ и „Дали вашето дете имате потреба да започне во градинка штом се укине мерката за дозволено отсуство на еден родител кој има дете до 10 години во нашата група?“ Што покажале резултатите од анкетата?

– Предучилишните установи доставија прашалници до родителите за да се утврди колку деца имаат потреба веднаш да бидат згрижени во градинка, а колку штом ќе се укине мерката за отсуство од работа на еден родител на дете до 10 години. Според добиените одговори, 22 проценти од вкупно запишаните деца имаат потреба веднаш да почнат да одат во градинка, додека 45 проценти од вкупно запишаните деца имаат потреба да почнат да одат во градинка откако ќе се укине мерката за платено отсуство на еден од родителите на дете до 10-годишна возраст – велат од Министерството за труд и социјална политика-МТСП.

Оттаму објаснуваат дека во тек е подготовката на оперативниот план и на протоколите за повторно почнување со работа на градинките, кои беа времено затворени како последица на Ковид-19. Активностите се одвиваат во соработка на Комисијата за заразни болести и Министерството за труд и социјална политика. Детали за тоа како би работеле градинките не откриваат.

Инаку, од утре почнува скрининг-тестирање за коронавирус на вработените во градинките, што треба комплетно да се спроведе пред да почнат градинките со работа. Ќе бидат тестирани вработените во сите градинки во државата преку центрите за јавно здравје. Министерот за здравство Венко Филипче рече дека ќе се тестираат близу 2.000 вработени во градинките, а целиот процес се очекува да заврши за околу една недела.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *