60 ГОДИНИ ЛИКОВНО ТВОРЕШТВО НА БИТОЛЧАНЕЦОТ ПАНДЕ ПЕТРОВСКИ

dig

Битолскиот ликовен уметник Панде Петровски, преку своите дела, кои претставуваат своевидна ретроспектива на неговиот ликовен опус во изминатите 60 години, говори за Битола, за архитектурата, за Хераклеја. Неговата ликовна приказна, раскажана низ минијатури, цртежи и слики, од синоќа е претставена во рамките на изложбата „60 години творештво“ во битолскиот Завод и музеј.

Петровски, пред бројната публика истакна дека изложените дела се само еден мал опус од создадените неколку илјади негови творби.

„Првата самостојна изложба ми беше во пресрет на Илинден и многу сум задоволен што повторно се совпадна да биде спроти Илинден, нашиот најголем национален и верски празник. Досега изработив десетина циклуси како Хераклејски пресеци, Предели од микрокосмосот, а тука има дела и од Метаморфозите, за кои Остен издаде и мапа, која е дел од едицијата светско културно наследство“, рече Петровски.

Петровски им подари дел од своите уметнички творби на заменик министерот за култура Владимир Лазовски, градоначалничката Наташа Петровска и директорката на Завод и музеј Мери Стојановска. Градоначалничката Петровска со гордост истакна дека Битола е многу богата што има уметник како Панде Петровски.

„Ви благодарам за сѐ што досега направивте за Битола, убедена сум дека до последниот ден ќе творите, а тие денови во иднина ќе ги има уште многу и ќе ни оставите Ваши прекрасни емоции преку уметничките дела“, рече Петровска.

Со оваа изложба започнува 49 издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ чиј организатор е Центарот за култура Битола. Во името на организаторот, се обрати Валентин Соклевски, кој посочи дека уметникот Панде Петровски е веќе битолска легенда, а свои обраќања имаа и директорката на музејот Мери Стојановска и Панде Манојлов. Друштвото на ликовни уметници му додели плакета за животно дело на Панде Петровски, за неговиот значаен придонес во развојот на ликовната уметност во градот. Изложбата која содржи над 200 творби на Панде Петровски е поддржана од Општина Битола, Министерството за култура и други.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *