Трамп стапна на севернокорејско тло и го повика Ким Џонг-ун во Белата куќа

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска се сретна со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун во демилитаризираната зона на Корејскиот Полуостров, се ракуваше со него, а потоа ја премина линијата која ги дели двете Кореи, со станувајќи првиот американски претседател кој стапнал на тлото на Северна Кореја.

Развивме одлични односи, навистина мислам ако се вратите назад две ипол години и погледнете што се случуваше, пред да станам претседател, беше многу, многу лоша ситуација за Јужна Кореја, за Северна Кореја, за светот, изјави Трамп.

Ова беше третата средба на двајцата претседатели, по историскиот Самит во јуни минатата година и неуспешните преговори во Виетнам во февруари годинава, кога американската делегација предводена од Трамп пред време го напушти самитот во Ханој. Овој пат и двајцата лидери беа задоволни. Трамп го повика севернокорејскиот лидер да го посети во Белата куќа, а Ким потенцираше дека би било голема чест американскиот претседател да го посети во престолнината Пјонгјанг.

Вашингтон бара Пјонгјанг трајно да се откаже од својата нуклеарна програма пред да се разгледа укинувањето на меѓународните санкции. Но Пјонгјанг не се согласува со таквиот редослед на отстапките. Денешната средба беше набрзина организирана откако Трамп кој вчера пристигна во Сеул, на средба со јужнокорејскиот претседател по Самитот Г20 во Осака, преку Твитер објави неочекувана покана за средба со Ким во демилитаризираната зона.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *