Спиро Мавровски за битолскиот ракомет

Почитувани граѓани на Битола,

Едно мое обраќање во врска со настаните околу РК Еурофарм Битола и РК Пелистер 2008 исто од Битола.

Со голема тежина во душата ги примив овие вести за некоја си платформа и за тоа дали ќе биде подобро новиот клуб да го носи името Еурофарм Пелистер или пак како што некој кажува поприфатливото решение Пелистер Еурофарм. Јас ќе прашам за истото што денес се случува во Македонија, што е поприфатливо за македонскиот народ, Северна Македонија или Македонија Северна, се надевам барем кај 90% од нив, најбитното е Република Македонија, исто како и за битолчани, тоа би било Пелистер сигурно не 2008, но едноставно Пелистер Битола. Еден град, еден клуб, само Битола, само Пелистер.

Зошто пишувам Пелистер 2008, многу од луѓето не знаат дека по „преземањето“ на клубот во 2008 година, некој формално правно го поништи постоењето на РК Пелистер и регистрира нов клуб Пелистер 2008, кој како нов клуб требаше да почне да се натпреварува од најнискиот ранг на натпревари, т.е. од втората лига за да стигне во супер лига. Но како сето ова некој го заврши треба да се прашаат органите во РФМ, кои го дозволија тоа и беа дел од таа игра. Ова е за почеток и запознавање на пошироката јавност за што се работи во основа. Ова е за делот од платформата за почитување на традициите. Значи Општина Битола никогаш не се заинтересира кои долгови ги имаше клубот РК Пелистер пред да биде регистриран како РК Пелистер 2008, така да сега со овој договор таа се јавува како правен субјект да ги подмири тие долгови, или ова се работи само за новорегистрираниот клуб РК Пелистер 2008. Доколку Општина Битола најде нови спонзори, тогаш Еурофарм Работник ги добива сите средства кои ги вложил дотогаш во клубот добиени како акции.

Вториот дел „зелено белата“ боја на клубот, никој не сака да каже кој и кога е променета и зошто. Спортското друштво Пелистер Битола, отсекогаш имало „зелено бели“ бои и тоа традиционално како и сите светски клубови препознатливи по боите на дресовите: Манчестер Јунајтед – црвена боја, Реал Мадрид – бела, Јувентус – црно бела, Партизан – црно бела, Динамо – сина и секој поголем и помал клуб ја имаат традиционално својата боја на дресовите. Во едни од најголемите успеси на РК Пелистер, се променија дресовите на РК Пелистер во „сино бела“ боја, така да во спортската сала Младост навивачката група Чкембари, дел беа со зелено бели шалови и дресови а дел со плаво бели шалови и дресови (погледнете ги фотографиите). Со моето доаѓање на чело на РК Пелистер 1999 година, една од првите одлуки беше и ние, како РК Пелистер, да имаме зелено бели дресови, како и целото спортско друштво, се напечатија и шалови и дресови и знамиња, така да се сѐ сведе во нормала. Со доаѓањето на поголемите успеси, (финале во Џелинџ купот на ЕХФ), клубот најде сили да порача и направи химна на РК Пелистер (Миодраг Нечак), каде стои дека нашата боја е зелено бела. Толку за дресовите и бојата на дресовите.  Мислам дека е одговор на делот од платформата каде се бара бојата да е „сино бела“ 

Третиот и најбитен дел е зошто мора да има фузија на двата клуба. Во овој момент Еурофарм Работник со новиот газда очигледно е по квалитет и организација пред РК Пелистер, така да мислам нема ни една причина од таква фузија. Па уште почудно е барањето да произлегува од во моментот посилниот клуб, наместо да е обратно.

РК Пелистер исто кога беше превземен и кога се освои првата титула 1999 година, следуваше казна од ЕХФ (инцидентот во Скопје помеѓу женските екипи на  Кометал Ѓорче Петров – Хипо Банка, кога беше удрен претседателот и газдата на Хипо, Гунар Прокоп од еден навивач), за забрана на сите македонски екипи да учествуваат во натпреварите организирани од ЕХФ следната година. За жал ние како шампиони таа година бевме оневозможени да учествуваме во Лигата на шампионите. Пред да ја дознаеме казната ние веќе оформивме шампионски тим со Ходик, го продолживме договорот со Кире Лазаров, останаа сите наши играчи, но по казната беше неприродно некого да чуваш за да игра со Радовиш, Неготино нека ми простат наведените екипи, ова е без навреди.

Дојдовме во ситуација да почнеме од почеток, беше тешко, но се ангажираа сите погони, од пионерски, јуниорски, младински, се пријави екипа во втората лига на Македонија, се побараа низ Македонија сите квалитетни млади играчи и почна подемот. Тие млади играчи кои сега скоро ја завршија кариерата а некои уште се натпреваруваат, со години беа скелетот на ракометната репрезентација на Македонија. Тоа се : Наумче Мојсовски, Влатко Митков, Ацо Јоновски, Петар Ангелов, Гоце Макаловски, Владимир Темелков, Калајџиевски, Игор Тосковски кои заедно со нашите Кире Поповски, Игор Николовски – Ќани, Златко Димитровски, Звонко Шундовски кој потоа стана тренер на РК Пелистер и освои куп и првенство со РК Пелистер, стана селектор на оваа репрезентација и уште многу години ќе биде еден од најдобрите тренери во Македонија. Зошто потсеќам на ова, можеби и сега е дојден денот РК Пелистер да ги засука ракавите да најде добри и упорни тренери, ги имаше во Кире Поповски, Игор Николовски, Александар Зарков и последно Стевче Алушовски, кого без потреба го испуштија и секако не да го заборавам, но во континуитет еден од најдобрите тренери со голманите Зоран Атанасовски – Џинкс. Ова го напишав да ја потсетам битолската јавност дека РК Пелистер од секогаш имала школа од која излегувале безброј квалитетни играчи, значи нема да измислиме топла вода, туку само да продолжиме со работа и создавање на нови играчи, за среќа и последните се изданок повторно од оваа школа како што е Кузмановски и Дрогришки а ќе ги има уште, но сега треба многу поголем труд и работа.

Прекретница е ова, ако се фузираат двата клуба не знам што нуди РК Пелистер во таа фузија, квалитетни играчи, спортска сала, имот на клубот, навивачи, мислам од ова нема ништо, пак ќе остане како што е со таа разлика што сега РК Пелистер ќе биде вториот тим во играта како што во лигата се младинските екипи на РК Вардар и РК Металург. Ако е тоа целта тогаш е во ред. Навивачката група расте или ја нема заедно со успесите на клубот, доколку сега младинската екипа на РК Металург го победува Пелистер во Битола а исто и РК Охрид и другите екипи, како ќе биде сега, или Пелистер е во аут, а ние сите ќе „навиваме“ за Еурофарм мислејќи дека е Пелистер.

Добро е што општината размислува на овој начин не знам кој го принудува газдата на Еурофарм Работник да влезе во една ваква најмалку кажано валкана игра, затоа што тој можеше да го купи клубот и пред 5 или 10 години, или кога му беше понуден пред 15 години, но за жал тоа не се случи. Зошто сега кога постигнува големи резултати и нема никаква потреба од РК Пелистер некој му го наметнува тоа како решение. Дали со ова некој сака да ја прикрие постоечката состојба и да даде отчет за потрошените финансиски средства дадени од Општина Битола на РК Пелистер, колку се тие и како и за што се потрошени. Што значи во платформата барањето да се исплаќаат само македонски ракометари, дали со ова се става некоја рамка во врска со платите на играчите, дали странските играчи секогаш ќе бидат поскапо платени од домашните, многу непрецизна формулација.

Значи со овој потег во моментот сме далеку од РК Вардар нашиот најголем конкурент, тимот кој многу пати сме го победувале, но во овој момент со успесите што ги постигна направија да бидат многу пред нас и не знам дали некогаш ќе се доближиме, иако секогаш сум ги доживувал како спортски и секакви противници, против кои секоја победа и во ракометот и во фудбалот ми била најслатка. Останува голема работа некогаш тоа да се постигне или дај Боже да се престигне.

Дали е сето ова природно, апсолутно не е. Дали ќе добие навивачи сигурно НЕ, кога се постигнуваа најголемите успеси и се играше финалето на Џелинџ купот, некои од „навивачите“ од револт ги искршија просториите на клубот. Се прашувате зошто? До ден денес одговор нема. Толку и за тоа.

Спортската сала Боро Чурлевски ќе треба да ги задоволи минималните услови за одржување натпрвари од Лигата на шампиони и СЕХА лигата. Ние се уште се занимаваме со фризерај на салата, во минатото таа беше гордост на цела Македонија, и по својата големина, но најповеќе по врвниот ракомет што се играша во неа, а Скопје тогаш ги имаше двете сали, Кале каде имаше можност за половина од гледачите што беа во Битола и една маалска сала во Расадник каде најчесто играше Вардар. Но сега Скопје има две прекрасни нови сали „Борис Трајковски“ и велелепната „Јане Сандански“ во Аеродром, а ние уште со нашата сала изградена од местен самодопринос на граѓаните на Битола, уште со минимални услови за одигрување на натпревари и за жал без никаква иницијатива за една нова велелепна сала која Битола ја заслужува. Ова треба да е предизвик за Општина Битола, сѐ друго е крпачка работа, како и досега.

Останувам на тоа, Само еден клуб, само еден град, само Пелистер, само Битола. И покрај тоа што во период ос 5-6 години кога Пелистер беше финансиски во голема криза, не се најде ни еден стопанственик од Битола да се ангажира и поможи за поголеми успеси на клубот. Да не ги заборавам само Г-дата Трифун Костовски ( кој никогаш не бил газда на РК Пелистер, како што пишува некој по порталите, но спонзор на клубот 2004/05 год.) и Минчо Јорданов кои помогнаа повеќе од колку цела Битола заедно, за жал. Овие 250.000 евра се релативно голема сума, за ваша информација, тогашниот градоначалник на Битола 2002 година, не не удостои и со прием за да се заблагодари на ракометарите кои го пренесоа името на Пелистер и Битола низ цела Европа. Има уште многу да се пишува, но ова е само еден сегмент од она низ што поминувам сите овие години, за да некој од петни жили се труди сѐ да се избриши и заборави. За Ваша голема жал (на сите што го правите тоа), но што и правите, мене не можете да ме избришете од историјата на РК Пелистер, како еден од поуспешните претседатели на РК Пелистер. Моето срце секогаш ќе чука за Пелистер.

Битола, 06.08.2019 год.                                                             Секогаш Ваш

                                                                                                     Спиро Мавровски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *