Свадба на врв на планина: Стефан Петровски открива како се создава чист адреналин

Ваква личност ретко ќе сретнете. Со сето она што го доживува, ќе ве натера да посакате да одлетате и да бидете среќни.

Горе во облаците или долу на земјата, но на највисокиот планински врв, таму ќе го најдете авантуристот Стефан Петровски. Лета со параглајдер, се искачува по планини, кајакари, фотографира… Едноставно животот го живее со полни гради. 

Летањето му е вистински адреналински предизвик, планинарењето му е зависност бидејќи не може, а да не го гледа од висина сонцето како заоѓа, а 20.000 фотографии што ги направил до сега ја овековечуваат убавината на нашата земја. 

Во Битола, неговиот роден крај, Пелистер му е втор дом. И на врвот Мон Блан на Алпите се чуствувал како дома. Нема страв од летање, повеќе се плаши да погледне надолу од некој облакодер, отколку кога е во воздух. За неговиот животен предизвик, авантурите, случките и смислата на животот, зборуваме токму овде.

* Какво е чувството кога адреналинот е на највисоко ниво, без разлика дали сте горе на небото со параглајдер, или долу на земјата ама на највисокиот планински врв?

– Тоа е чувство кое не може да се опише со зборови. Треба да само да се доживее и искуси. Тоа е чувство каде се чувствуваш среќен, моќен, чувство на зависност што колку пати да го повторуваш никогаш не е доста и сакаш повеќе и повеќе, повисоко и повисоко. Се навикнуваш на висина, на адреналин што во секојдневието ти фали и ја чекаш првата прилика да одиш некаде каде припаѓаш и се чувствуваш свој. Да го чувствуваш ветерот на лицето, да го гледаш сонцето како изгрева и заоѓа, да ја гледаш магијата и играта на облаците. Многу пати се трудам да најдам соодветни зборови, но тоа чувство едноставно не може да се опише…

* Од каде потекнува тој Ваш авантуристички дух? И возите и летате и се искачувате…

– Благодарение на мојот татко кој уште од мали нозе мене и мојата сестра не поведе нагоре во „височините“ и во секоја прилика ни ја покажуваше магијата на природата, едноставно не направи да се заљубиме прво во Пелистер како наш втор дом, а потоа да ја цениме и почитуваме мајката природа. Како што одминуваше времето и како што откривав и осознавав нови места, почна љубопитност и за други спортови односно едно нешто да се види и да се ужива од повеќе агли, на повеќе начини. Планината и природата може да се доживува и ужива на многу начини, преку различни спортови кои со себе носат посебна магија и уживање.

* Кои планини биле „разгазени” од Вас? Кој врв Ви се гледал најтежок, ама сте го искачиле?

– Мој втор дом е Пелистер. Планината каде пораснав, ја чувствувам како дел од себе и сум поминал многу, многу денови. Кога и да одам, и по кој пат да ја повторувам една иста тура, место, секогаш е различно и е ново доживување. Неколку пати сум бил на највисокиот врв кај нас – Голем Кораб, потоа на Титов врв на Шар Планина, а и на многу други врвови на Шара, Солунска Глава на Јакупица, Црн Камен на Јабланица, Кајмакчалан на Ниџе, Дешат и Крчин, Селечка Планина, Козјак, Магаро на Галичица, Илинска Планина. Највисоките три врвови на Балканот (Мусала на Рила во Бугарија – 2925м. Олимп во Грција- 2918м. и Вихрен на Пирин во Бугарија 2914м). Исто така пет дена траснферзала на Пирин каде поминавме повеќе од 100 километри и видовме многу врвови и езера. И три дена траснферзала на Рила исто со многу врвови и езера. Во 2010 година со Јонче Илиевски – Мурато (син на првиот македонец кој го освои Монт Еверест –Димитар Илиевски Мурато) и Саша Грбиќ бевме на Монт Блан на Алпите, највисокиот врв во Западна Европа со 4810м. Дефинитивно тој беше најтежок врв кој го имам искачено. Сепак чувството, планинарењето над 3500м. е поинакво и бара повеќе концентрација, енергија за совладување на секој метар висина. 

* Какви се планините? Дали се навистина сурови, а што Ви нудат за возврат?

– За мене планините се извор на среќа, позитивна енергија, љубов.  Моментите, миговите кои ти ги дарува едноставно ти ја галат душата. Кога пристапуваш со чисто срце и мисла, планините ти даваат многу повеќе од тоа што можеме да замислиме. Но тука многу зависи и од самите нас, дали сме отворени и спремни сето тоа да го примиме и уживаме. Со каква мисла и цел одиме на планина? Дали одиме со цел да се пофалиме  пред другите дека сме биле некаде или да си дадеме на душата тоа што бара и копнее, да ги наполниме батериите што е можно повеќе, да акумулираме енергија за предизвиците и секојдневието што го носи денешното време. Планините некогаш знаат да бидат и сурови. Но најчесто зависи од нашиот пристап. Со добра опрема, соодветна за временските услови, и добро организирана тура, ризикот е многу помал, отколку ако одиме без некој поискусен и мислиме дека знаеме се. Секогаш треба да имаме почит, кон секоја планина.    

* Има ли некоја навистина интересна случка на тие искачувања и дали би ни ја раскажале?

– Има многу интересни случки, некои кои ни ги приреди самата природа и планина, а некои кои и ние самите си ги приредуваме. Често за први Јануари имаме традиција да одиме на врвот на Пелистер на 2601м. и да отвориме шампањ. Свадба на Пелистер, интересен настан кога на врвот во Мај месец во снег отидовме по свечени костими за на свадба, наместо со планинарска опрема. На први Јануари 2012 година на средина од замрзнатото Големо Езеро на 2218м. Зет ми ја побара сестра ми за сопруга. На четврти Август пред 12 години на Големо езеро спиевме во шатори, бевме друштво, повеќе од 15 деца. Утрото кога се разбудивме не пречека покривка од снег од неколку сантиметри. Средба со мечката на 10 – 15 метри. Бевме со Саша Грбиќ, одевме на врвот на Пелистер и одејќи така по широкиот пат зад џип се појави мечката, ни го пресече патот, не погледна и почна да трча и бега надолу низ шумата. Фотоапаратот ми беше на рамо, но во тие моменти заборавив дека го носам. * Свадба на Пелистер и дочек на Нова година

* И небото е Ваш сојузник како и параглајдерот. Каде и над кои предели сте летале? Како е кога гледате од птичја перспектива?

– Со летање почнав обука во 2011 година. Одамна имав желба, им завидував на птиците кога ќе ги видам како летаат, исто и на параглајдеристите кога ќе ги погледев како се точки на небото и уживаат.  Во овие изминати години сум летал од Мечкин Камен – Крушево, од Галичица над Охридско Езеро,  Велестово – Охрид, Вевчани, неколку пати од врвот од Пелистер, од врвот Неолица на Пелистер. Трескавец – Прилеп. Валона, Дерми, Џирокастер во Албанија, Косово, Грција, Турција. Погледот од птичја перспектива е неверојатен, тоа може делумно да се долови со камера и да се гледа пред екранот но кога си таму, во друштво со птиците е сосема различно и повозбудливо. И тоа е тоа чувство и поглед што ти прави да сакаш пак и пак да го правиш истото.  

* Дали можеби чувствувате страв при летањето?

– Стравот е нормална појава. Лошо е за тој што нема страв и почит кон овој, а и кон секој спорт или хоби. Но, со почитување на правилата на игра, стравот и ризикот се сведуваат на минимум. Искрено кажано повеќе имам страв кога ќе погледам надолу од некоја зграда од десетти кат, отколку кога сум горе високо во воздухот. Едноставно имам некое чувство на сигурност, командите од параглајдерот ги имам во двете раце. Секој параглајдерист со себе има и резервен падобран, тоа е дел од основна и задолжителна опрема.

* Направивте серијал од 20.000 слики од небо. Што фотографиравте? 

– Паралелно со сите авантури, спортови, работам и на проект за фотографирање на сите наши градови, села, планини, убавини. До овој момент имам опфатено 200 села и градови и голем дел од планините во нашава земја. Имам направено повеќе од 20.000 фотографии. Сето тоа може да се види на мојот веб сајт. Планирам и работам на кампања за печатење на првата книга од овој голем проект, тоа е книга за Општина Битола кој ги опфаќа сите населби со сите културни знаменитости и вредности. Книга за Општина Битола е првата од серијалот книги „Мој роден крај“ каде во 260 страници со повеќе од 1.000 фотографии се опфатени сите населени и раселени населби, сите верски објекти во нив и сè она што е значајно и препознатливо за тие места, како и фотографии од Националниот парк Пелистер. Книгата е модел за следните книги што ќе доаѓаат, покривајќи ги сите општини во нашата земја. 

* Со кои други спортови се занимавате? Дали сето ова Ви е хоби, професионална определба?

– Покрај планинарењето и летањето со параглајдер се занимавам со спортско качување на карпи, качување по мраз, велосипедизам, скијање и (турно скијање), кајакарење и пливање. Се ова што го правам е чисто од љубов и хоби. Се правам за своја душа, да уживам на најубав можен начин и да бидам среќен. Исто така, од пред неколку месеци чувам и неколку семејства пчели, и тоа го правам од хоби, од желба што ја имав од многу одамна. Се уште учам, гледам, прашувам и се надевам оваа година да се радувам на првиот мед. Вработен сум на место кое отсекогаш го викав и го викам „работа од соништата„ за мене. Работам на врвот на Пелистер како техничар во предавателниот пункт на Македонската Радио Дифузија. Едноставно со никое друго работно место не би го заменил работното место на Пелистер.   

* Ваш совет за планинари и параглајдери…

– Мојот совет- желба е секој да ја почувствува магијата и благодатта на природата. Среќата е насекаде околу нас, достапна е за секој од нас, не ни треба многу за да бидеме среќни. Само малку желба, ентузијазам, добро друштво, вода, сонце и чист воздух.  Често луѓето мислат дека планината е сурова, таму е ладно, опасно, тешко е за искачување, или биле еднаш, па не им се погодило времето и се откажале и мислат дека секогаш е така. Јас Ве уверувам во спротивното. Неизмерна е радоста на крајот од денот, после ден поминат на планина. Едноставно душата пее, се смее, се радува. Кај мене секогаш е така бидејќи така ја доживувам и се радувам на се’. Не треба многу пари за човек да ги види сите сјајни убавини на овој свет. Потребно е само малку чувства за да си го пронајдеме својот свет кој не опкружува и истовремено до бескрај не исполнува.

Небојша Толески

извор : https://maskimagazin.faktor.mk/

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *