ОТВОРЕНО СО ВИКТОРИЈА ПЕТРОВСКА…

Ако малку се разликуваш или привлекуваш внимание, за тебе очекувај да се знае се’. И она што е, и она што некој го измислил…

ТВ водителка, поетеса, инстаграм ѕвезда, девојка која плени со нејзината појава и предизвикува воздишки кај припадниците на посилниот пол. Секогаш позитивна, насмеана, весела. И секогаш, ама баш секогаш, патриотски расположена! Велешанката Викторија Петровска го даде првото интервју за ”Пела Нет”, во кое зборува за нејзиниот професионален, но и приватен живот.

Колку време се занимаваш со новинарство и водење на манифестации и зошто ја одбра оваа професија?

Мојата дружба со микрофонот започна од мојата најрана возраст. Уште од моето основно образование бев ангажирана како водител на секоја манифестација како во моето училиште така и надвор од него. Едноставно се пронаоѓав и уживав во тоа. Од таму дојде и љубовта кон она што го работам денес. Со новинарство се занимавам нешто повеќе од година дена, и слободно можам да кажам дека тоа е работата која ме исполнува и која ме прави среќна. Телевизијата е магија. И ја доживувам токму како таква.

Дали ти годи популарноста, те препознаваат ли на улица?

Ќе бидам скромна ако кажам дека не ми годи. А, скромноста никогаш не ми била доблест. Така да, ми годи. Ми се случува да ме препознаат, а тоа сметам дека се должи повеќе на активноста на социјалните мрежи. Денес се’ се дознава бидејќи се’ сервираме и ни сервираат на тацна. Едноставно таков стана денешниов живот. Посебно ако малку се разликуваш или привлекуваш внимание, за тебе очекувај да се знае се’. И она што е, и она што некој го измислил.

Автор си на две стихозбирки. Дали може да очекуваме нешто ново на ова поле?

Автор сум на две стихозбирки – поезија и некако како да подзастанав на тоа поле. Најавував ново дело – роман, но како малку да ми фали храброст да го објавам. Или можеби другите приоритети си го направија своето. Како и да е, јас никогаш не престанав да пишувам. Оние кои ме познаваат знаат дека пишаниот збор е моето најдобро изразување. Исто така пишаниот збор е еден од двигателите на она што го работам. Се надевам наскоро мојот пишан збор ќе доживее повторно светлина меѓу кориците на некое ново дело.

Дали високото образование е клуч за успехот или физичкиот изглед, или пак двете заедно?

Никогаш не сум ги гледала одвоено овие две работи. За мене клуч за успех е целината. Или имаш се’ или ништо. Залуден е физичкиoт изглед ако немам штодруго да покажам. Убавината е релативна. Сите од нас ја имаме и секој ја истакнува на различен начин. Од друга страна ниту високото образование само по себе е клучен и единствен фактор за да успееш. За мене енергијата, знаењето, љубовта кон она што го работиш и својот личен белег се целината за успех.

 Како треба да изгледа твојот идеален одмор и дали имаш омилена дестинација ?

Уф добро прашање. Мојот идеален одмор изгледа како 20тина дена поминати на Бали со некој со кого ми е убаво. Без интернет и социјални мрежи.

Опиши го твојот идеален партнер

Мојот идеален партнер треба само да е психички спремен за девојка која зборува 24/7 (ха, ха). Треба да умее да ми го задржи вниманието, да ми контрира и кога не сум во право, да ми ја трпи енергијата и волјата за освојување на светот. Да се носи со мојата борбеност и амбициозност и желбата да променам некои работи во општеството. Накратко да е свесен што има до себе. Толку. Скромна сум (ха ха).

Дали си вљубена?

ДА! Секогаш! Најмногу во самата себеJ

 Дали те вадат од памет невистинити озборувања?

Колку и да негирам мојот одговор на ова прашање е дефинитивно да.

Не поднесувам негативна енергија, исфрустрирани и луѓе кои не знаат каде им оди сопствениот живот, а за твојот знаат се’.

Поборник сум за ширење на убава и позитивна енергија и сакам да сум опкружена со такви луќе кои денес се реткост. Ми важи она: подобро двајца вистински отколку 200 лажни.

Што си во хороскоп и дали веруваш во хороскоп?

Инаетлива и тврдоглава. Типичен бик.  Бик кој обожава удобност, добра храна и префинети работи. Истрајна во упорноста да постигнам се’ што сум замислила и да уживам во постигнатите резултати.

Верувам во се’ што ми се допаѓа. А универзумот е чудна појава.

Дали правиш планови или оставаш времето да решава за твојата иднина?

Јас сум тип на човек кој нема крајни амбиции. Сакам секојдневно да се надоградувам во она што го правам и работам. Сметам дека не е важно да успееш само во нешто. Ќе успееш и што потоа? Се успева секој ден. Со труд, со макотрпна работа и со верба во себе. Така се работи за своите соништа.

После немилиот настан со скршеницата на мојата нога решив и си дадов ветување дека повеќе нема да планирам ништо. Оставам се’ да се случува само по себе. Цврство верувам дека се’ се случува со причина и баш тогаш кога навистина треба да се случи.

 Дали имаш хоби и како го врвиш слободното време?

Ако зборуваме за конкретно хоби ќе кажам дека немам. Исто како што немам ни слободно време. Ама затоа пак можам да се пофалам дека имам многу добра организација во текот на денот која ми овозможува да ги завршам сите обврски и да правам работи кои ме прават среќна. Обожавам да испијам раат-кафесо драга личност. Да отидам во теретана, да истрчам на кеј. Ситници ме прават среќна.

Како правник, дали имаш коментар за најновата македонска афера ”Рекет”?

Подобар коментар од тој дека на народот му е преку глава и од рекети и од специјални обвинители и од влади и опозиции нема! Народот сака промени. Се’ додека се лечиме преку смс пораки нема да не’ бидекако држава.

Дали Вики има време да одгледа некој филм и дали имаш омилен жанр?

Искрено Вики е многу поголем љубител на книга отколку филм. Дај ми книга и ќе ти направам филм. Знам понекогаш да изгледам добар хорор, признавам.

21 век. Кога е љубовта во прашање, велат дека не постојат правила. Кои од овие врски би ги оправдала а кои не?

– лица од ист пол

– лица од различна националност

– лица со прилично голема разлика во годините

– врска на далечина

Самиот 21 век е одговор на ова прашање. Не сум човек со предрасуди и никогаш не судам! Секоја љубов ќе си го пронајде својот пат и ќе биде онака како што сме си одлучиле самите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *