ЛИДЕРОТ НА ВМРО-ДПМНЕ ВО СТРУШКО ТАШМАРУНИШТА СЕ ПОКЛОНИ ПРЕД СПОМЕН ОБЕЛЕЖЈЕТО НА ДВАТА ИЛИНДЕНА

Илинден не е почетокот, туку влегувањето во финишот на една вековна борба за слобода, каде многу генерации херои и хероини ги положија своите животи. Илинден не е само Крушевското востание, туку многу повеќе од тоа, воскрикот на Македонецот, на секоја педа македонска почва, истакна денеска лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски по полагањето цвеќе пред споменикот на двата Илинденa и на заедничката гробница на паднатите востаници во струшкото село Ташмаруништа.

Илинден, додаде, е и отпорот и пркоста на Ташмаруништа, жилавоста на битолските и охридските комити и војводи, отпорот на секој слободно мислечки Македонец против тогашната власт која притискала, прогонувала и заробувала. Навраќајќи се низ историјата и говорејќи за значењето на двата Илиндена, Мицкоски заклучи дека ВМРО е темелот на Илинден, а се осврна и на идеолозите на борбара за слобода.

– Гоце Делчев беше идеологот на таа борба за слобода чија судбина не сакаше да го дочека Илинденското востание, но неговото име и чест продолжи да живее. Тука се и Даме Груев, Татарчев, Никола Карев, Ѓорче Петров, Христо Узунов, Методиј Патчев, се до Ченто, Пирузе, Панко, Апостолски. Сите се ова македонски синови од кои не смееме и немаме ниту историско право да се одречеме ниту да го посрамотиме нивното дело. Илинден е и потсетник дека не смееме да скршнеме од патот натопен со крв на хероите кои ги положија животите. Илинден е и наша должност кон нашите предци и паметник за тоа како ја добивме слободата која мора постојано да ја браниме. Илинден е и последниот здив на комитетите и партизаните кои гинејќи за каузата беа верни на делото „Смрт или слобода“, истакна лидерот на ВМРО – ДПМНЕ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *