Заев: Ако не добиеме датум за преговори, можно е Владата да падне

Skoplje, 17. oktobra 2017 - Premijer Makedonije Zoran Zaev na konferenciji za novinaer nakon plenarnog panela na Samitu 100 lidera. FOTO TANJUG/ DRAGAN KUJUNDZIC/ bb

Ако не го добиеме очекуваното, датум за преговори по поглавја, постои можност тоа да предизвика пад на Владата. Оваа стабилна Влада, со сите тешки одлуки што ги донесе, најверојатно ќе ја изгуби довербата на мнозинството во Собранието, рече премиерот, Зоран Заев, на денешната прес-конференција, веднаш после форумот „Северна Македонија: Забрзување на реформите, забрзување на европската интеграција“, што во организација на Европската банка за обнова и развој и Центарот за европските политики, се одржа во Брисел.

На прашањето какви ќе бидат последиците доколку Европскиот Совет не ја прифати препораката на Европската Комисија земјата да ги отпочне преговорите по поглавја за пристапување во ЕУ, и на кој начин тоа ќе се одрази во Соработката со Европската банка за обнова и развој, премиерот Заев рече дека ова е скапоцено време за Северна Македонија и ако го изгубиме, сигурно нема да има шанса да го повториме.

„На крајот на денот ние работиме за тоа. А сега резултатите се многу добри, најдобри. Исто така има и огромен потенцијал и за во иднина. Ова е скапоцено време за Северна Македонија. Ако го изгубиме ова време, сигурно нема да има шанса да го повториме. Ќе имаме раст и во иднина, имаме и ретка можност растот уште во овој квартал да достигне 4%, па дури и 5%. Ако не го добиеме очекуваното, датум за преговори по поглавја, постои можност тоа да предизвика пад на владата. Оваа стабилна влада, со сите тешки одлуки што ги донесе, најверојатно ќе ја изгуби довербата на мнозинството во Собранието. Затоа што им ветивме на членовите на парламентот дека ќе имаме позитивна одлука од Европската Унија ако се движиме напред“, рече Заев.

Тој додаде дека Владата трпеливо работела на создавањето мнозинство за уставни промени, за особено чувствителни прашања и дека членовите на парламентот, кои го обезбедија мнозинството за клучните прашања, како што беше и промената на Уставот, биле под закана од страна на националистите и радикалите.

„Баравме консензус за многу закони и прашања зашто сметавме дека така е најдобро. За да добиете консензус во Собранието тоа значи многу непроспиени ноќи. Преговори со многу и со различни засегнати страни, политички партии, граѓански организации, стопански комори, синдикати… И добивме консензус. И сега, ако ЕУ не испорача, најверојатно владата ќе падне. Ако мора да одиме на предвремени избори, економијата ќе запре. Никој не инвестира во време на подготовки на избори, за време на договарање на нова влада. Ќе изгубиме 6 месеци, а тоа е најскапоценото време за нас“, истакна Заев.

Иако е тоа најлошата опција, рече премиерот Заев, земјата ќе продолжи во оваа насока, односно во зајакнување на европската идеја и за засилување на интегративниот процес во ЕУ.

На прашање на новинарите во Брисел дали предвремените избори во овој случај ќе донесат поголема политичка нестабилност и неизвесност во однос на европските реформи, како и дали тоа им дава повеќе простор на проруски и националистички партии, премиерот Заев рече дека ако има избори, граѓаните се тие што ќе одлучат.

„Или ќе ја поддржат оваа прогресивна, проевропска опција, или оние што ги блокираат овие процеси и што некои ги нарекуваат проруски или националистички и радикални. Разочарувањето што ќе се случи меѓу нашите сограѓани доколку Европскиот Совет не даде позитивно мислење, ќе им даде надеж на овие вторите. На граѓаните кои поддржуваа национализам и радикализам, а тоа не е добро. Не е добро за земјата, не е добро за регионот. Тоа се опциите и тоа нè загрижува. Без разлика на тоа што ќе се случи, ние направиме сѐ што можевме најдобро. Сакам нашите партнери (во ЕУ) да знаат дека чекавме 15 години и дека сега е сѐ можно“, рече Заев.

извор: Makfax

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *