Градоначалниците на Карпош и Битола дале изјава во Обвинителството за „Рекет“

Градоначалниците на општина Карпош и општина Битола, Стефан Богоев и Наташа Петровска,  дале изјава во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во рамки на истрагата за случајот „Рекет“. Од Обвинителството појаснуваат дека се испитуваат лица за кои цени дека со даден исказ можат да помогнат во натамошното утврдување на факти во предметот.

„Во текот на вчерашниот ден по телефонски повик од јавен обвинител, во обвинителството даде изјава градоначалникот на општина Карпош. Денеска беше повикана и изјава даде градоначалничката на општина Битола. Во интерес на истрагата, обвинителството не е во можност да сподели детали околу содржината на дадените изјави“, велат од Обвинителството.

Паралелно со прибирањето на вербални докази, Обвинителството дава насоки и наредби за вршење и на други истражни дејствија.

Вештачењата на прибраниот обемен материјал од извршените претреси е во тек. По наредба на обвинителството се врши и вештачење на содржината на пронајдениот и одземен втор мобилен телефон на специјалната обвинителка Катица Јанева.

Во случајот „Рекет“ за примање награда за противзаконито влијание и перење пари и други приноси од казниво делово се осомничени Зоран Милевски – Кичеец и Бојан Јовановски – Боки 13. И двајцата се во притвор од 15 јули.

извор: Makfax

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *