Бугарскиот министер за образование во посета на општина Битола

sdr

Висока делегација на бугарското Министерство за образование и наука, предводена од министерот Красимир Влчев, одржа работна средба со градоначалничката Наташа Петровска и претставници од образовниот сектор на Општина Битола. Во фокусот на разговорите беа образовниот процес и начинот на приближување и натамошна соработка на двете земји на ова поле.

„Општина Битола, покрај тоа што има надлежности врз дванаесет основни и шест средни училишта, има и универзитет, што значи дека по сите нивоа го згрижува населението во образованието. Образованието е почеток на развојот на која било општествена заедница, вклучително и на нашата локална самоуправа, и тука треба да се вложува од секаков аспект, особено на полето на соработката. На работната средба разговаравме како можеме со помош на Република Бугарија да имаме идна соработка на сите нивоа. Соработката треба да биде од програмски концепт, од аспект на размена на наставен кадар, на нивните искуства, но и можност на учениците да флуктуираат од двете страни на границата, размена на искуства што ќе отворат нови перспективи. Исто така, тука е и искуството што го има Република Бугарија во однос на искористувањето на европските фондови, кое за нас е многу значајно и претставува поле на кое можеме сериозно да соработуваме“, истакна по средбата градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.

Оваа средба претставува почеток на продлабочување на следни иницијативи за настани што треба да дадат придонес во делот на образованието во општина Битола.

„Ние имаме добри односи што ќе се развиваат и во иднина. Перспективата помеѓу Северна Македонија и Бугарија, но и за целиот Балкански Полуостров, е тој да биде повеќе поврзан. Тоа значи да бидеме повеќе поврзани во секој сектор, во секоја област. Општините се основен партнер во системот на образованието во двете земји. Повеќето од основните и средните училишта, но и факултетските единици во двете земји, се партнерски поврзани. Она што треба ние како лица од власта да направиме е да создадеме можност за општи програми на факултетите за да може тие да бидат поврзани во универзитетски мрежи, кои ќе бидат и дел од европските универзитетски мрежи, во кои ќе членуваат и земји што не се дел од ЕУ. На Балканскиот Полуостров треба да создадеме повеќе такви регионални универзитетски мрежи. Тоа е преспективата за нас, тоа е можноста нашите деца да се чувствуваат поисполнети живеејќи и работејќи на нашите простори“, рече министерот Красимир Влчев.

На средбата, покрај министерот за образование и наука на Република Бугарија, присуствуваа и Наталија Михалевска – директор на Дирекцијата за образование, Галина Дреновска – началник на одделот во Дирекцијата за високо образование, Дијана Петрова од прес-центарот на Министерството и генералниот конзул во Конзулатот на Република Бугарија во Битола, Димитар Иванов, како и претставниците од образовниот сектор на Општина Битола, проф. д-р Константин Петковски и проф. д-р Добри Петровски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *